Стереотипот и другите лица на Балканот
Завчера во МНТ се одржа премиерата на „Празен град“ на тандемот Дуковски-Трифуновски
Експлицитното насилство во уводната сцена на „Празен град“, кога еден војник брутално го претепува другиот од спротивната страна за следниот момент да сфати дека тоа е неговиот роден брат, кореспондира со општиот стереотип за Балканот. Но, последното драмско остварување на Дејан Дуковски, во режија на Бојан Трифуновски, кое во понеделникот вечерта ја доживеа својата премиера во МНТ, ги разоткрива и другите лица на Балканот, во кој можеби доминира примитивизмот, дивјаштвото и недоразбирањата, но и многу човечка топлина.
Во оваа приказна за двајца браќа фатени на спротивните страни во една војна, кои заедно ја поминуваат последната ноќ кога мора да се поднесат сите нерасчистени сметки, доминира трагикомичниот аспект на нашето живеење, зачинето со многу балкански хумор и иронични алузии во типичниот вербално жесток стил на Дуковски во кој одлично се вклопуваат актерите Тони и Јовица Михајловски креирајќи ликови кои се истовремено смешни и тажни.
„Празен град“ со сигурност ќе биде провокација, особено за помладата публика, наклонета кон овој популарен жанр чија динамика, жестокост и луциден хумор лесно кореспондира со младешкиот сензибилитет. (Л.М.) |