Брoj 2703  среда, 04 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска


Site Meter
Култура

МАНУ го заштити литературното наследство на Петре М. Андреевски

Фондот „Петре М. Андреевски“ се формира од архивска граѓа во ракопис, признанија, повелби, фотографии

Невена Поповска

Вчера во МАНУ со пригодна свеченост официјално беше основан фондот „Петре М. Андреевски“ со седиште во Архивот на МАНУ. Станува збор за ракописи, архивска граѓа, тетратки со романи во ракопис, фотографии..., кои се од непроценлива вредност за македонското литературно наследство. Овие материјали, кои од денеска ќе бидат заштитени во Фондот, се дел од огромното наследство што зад себе го остави бардот на македонската литература Петре М. Андреевски.

Материјалите вчера беа предадени во МАНУ од страна на семејството Андреевски, но и од донатори. Меѓу имињата кои беа споменати и кои присуствуваа на вчерашната свеченост се: писателот Милован Стефановски, поранешен директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Цветан Враживирски, сопственик на издавачката куќа „Табернакул“, Илија Илоски, долгогодишен близок пријател на Андреевски, писателот Михаил Ренџов и други.

Свеченоста по повод формирањето на Фондот „Петре М. Андреевски“ се одржа во присуство на претставници на Македонската академија на науките и уметностите, а претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов и академик Иван Катарџиев, потпишаа договор со претставници на семејството на академик Андреевски, со кој целокупниот материјал се отстапува на Фондацијата. Тој наскоро ќе се дигитализира и во таква форма ќе му биде вратен на семејството, додека оригиналите ќе останат во Архивот на МАНУ, во Фондот која го носи името на академикот Петре М. Андреевски.

„Станува збор за голем ден и значаен чин со кој неисцрпното творечко богатство на бардот на македонската литература ќе биде собран на едно место и заштитен од забот на времето“, рече академик Старделов. Од името на семејството Андреевски договорот го потпишаа неговите две ќерќи, кои го потврдија фактот дека огромното литературно наследство на нивниот татко во ракопис се должи на тоа што академик Андреевски, иако поседувал компјутер, бил љубител на рачно пишување. Речиси сите свои дела ги напишал на хартија, како што се гледа од граѓата, пишувал во тетратки, а некогаш и на парче весник. Така, на пример, се сеќава ќерката Деница, можеби најубавата поетска збирка „Дениција“ Петре ја напишал на парче весник, седнат на тросед наведнат над малото масиче во работната соба.

��ондот, меѓу другото содржи и архивска граѓа на Петре М. Андреевски и тоа: диплома за сценариото „Долненски гајдаџии-Порторож“, Рациново признание за книгите „Сите лица на смртта“ и „Неверни години“, диплома по повод 2 Септември - Денот на ослободувањето на Демир Хисар, за литература - наградите „Стале Попов“ за романот „Пиреј“ и за „Небеска Тимјановна“, наградата 11 Октомври за стихозбирката „Дениција“, наградата „Печалбарски денови-Вевчани“, наградите за литература на „Струшките вечери на поезијата“ од 1986 и 1982 година, наградата „Илинденски денови-Битола, Златна плакета од Драмски театар, Карикатура Екран, благодарница од Друштвото на писателите на Македонија за литература и награда „Арка“ за најдобра книга -„Последните селани“. Во Фондот ќе се најдат и повеќе тетратки во ракопис со славните романи „Тунел“, „Последните селани“, „Скакулци“, „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“, недовршениот „Бежанци“... Во материјалите се поместени и 54 фотографии, како и еден албум со фотографии.


Статијата е прочитана 102 пати.

Испрати коментар

Од: [email protected]
Датум: 04.06.2008 10:27:03
Секоја чест за еден најголемите македонски писатели, за човекот кој толку пластично ги опиша пирејот и лепешката! Направете го неговиот придонес достапен за нашите млади генерации!

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Форум за идентитетот на Скопје
Во „Матица“ читателите избираат хит на летото
Во Кинотека „Јас сум од Титов Велес“ и циклус на Бергман
Мултимедијален спектакл на плоштадот „Македонија“
Почина пионерот на рокенролот Бо Дидли
Шекспировата „Многу врева за ништо“ премиерно во Битола
Стереотипот и другите лица на Балканот