Во Кинотека „Јас сум од Титов Велес“ и циклус на Бергман
Во Кинотеката на Македонија јунската кинопрограма започна со македонскиот филм „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска. Овој филм, кој навистина и донесе многу убава презентација и на Македонија, а ја промовира и самата авторка на фестивалите во Берлин и во Кан, во Македонија веќе ја имаше својата дистрибуција. Овој пат Кинотеката во својата кинотечна сала филмот на Митевска го прикажува во текот на три дена (3,4 и 5 јуни) како уште една можност за оние кои не го видоа, а и како најава за претстојната јунска програма. Билетите за македонскиот филм се 120 денари.
Веќе од 6 до 13 јуни во Кинотеката ќе се одржи осумдневниот циклус посветен на еден од најоригиналните автори на 20 век, шведскиот режисер Ингмар Бергман. Во рамките на овој циклус, кој прави еден интересен избор на филмови на Бергман посветени на жените и на женската интима, ќе можат да се видат седум остварувања направени од 1950-тите до 1970-тите години. Според редоследот на прикажување, циклусот започнува со „Лето со Моника“ (1953), а продолжува со „Есенска соната“ (1978) во кој се среќаваат двете исклучителни актерки, Ингрид Бергман и Лив Улман. Следуваат „Жените чекаат“ (1952), како и еден од големите успеси „Крици и шепотења“ (1973), додека во вториот дел ќе можат да се видат и: „Сонот на жената“ (1955), „На прагот од животот“ (1958) и „Сите негови жени“ (1964). Кај Бергман е посебна работата со актерите и интересно е дека многу од актерите, кои ги играа главните улоги во неговите филмови, направија и респектабилни европски или светски кариери. Тука се: Лив Улман, Биби Андерсон, Ингрид Тулин, Хариет Андерсон и да не го заборавиме извонредниот Ерланд Јозефсон. Осмиот филм од овој циклус е негово своевидно заокружување со документарецот за Бергман, кој во 2006 година го направи Мари Ниреред. Цената на билетите за циклусот на Бергман е 50 денари. (С.У.)