Литературата не е атлетска дисциплина, но трката може да почне
„Утрински весник“ од денеска го распишува конкурсот за „Роман на годината“
Невена Поповска
Редакцијата на „Утрински весник“ која сите овие изминати години го држи нивото и реномето на наградата, годинава уште еднаш ќе го додели високото и престижно признание за најдобро напишан роман на македонски јазик. Наградата „Роман на годината“ е единствената литературна награда во земјава која се доделува за овој жанр, но и висината на паричниот дел на наградата е единствена. Во изминативе години членови на комисиите беа реномирани професори, академици, книжевни критичари... Според нив конкурсот за наградата на „Утрински весник“ претставува репер и филтер за квалитет.
Според Ѕвездан Георгиевски, кој долг период беше дел од проектот „дванаесет години во постоењето на една институција од типот на наградата ’Роман на годината‘ што ја дава ’Утрински весник‘ е навистина период за воспоставување на вистинска традиција, но морам да бидам нескромен па да цитирам еден колега кој вели дека ’Утрински весник‘ направи повеќе за романсиерската литература во Македонија во овие пет години отколку што тоа го направи државата во последниве децении. Литературата не е атлетска дисциплина, но сепак - трката може да почне.“ Кристина Николовска смета дека „конкурсот за наградата ’Роман на годината‘ на ’Утрински весник‘ е вистински филтер за квалитет, вредност, но и оригиналност и новитет. Сметам дека и ’Утрински весник‘ заслужува награда за идејата, но и за реализацијата на конкурсот, кој веќе е национално богатство за стимулирање на нашата култура и литература, како гест на вистинска анимација, афирмација и креативен поттик.“ „Мојот впечаток е дека оваа награда што ја востанови редакцијата на ’Утрински весник‘ на нашата културна јавност и беше повеќе од неопходна. Таа е олицетворение на еден нов пристап кон македонското творештво и доделена од квалитетни луѓе на перото и се надевам дека како таква ќе има иднина. Се надевам дека таа ќе прерасне во наш пандан на ’Ниновата награда‘, вели Сотир Трајков од телевизија „Телма“. Душко Христов од „Македонско радио“ смета дека наградата за најдобро прозно дело, ’Роман на годината‘ на редакцијата на ’Утрински весник‘ ќе придонесе за афирмација на романот како жанр. Во таа смисла ја поздравувам идејата на ’Утрински‘, бидејќи со овој конкурс како што можевме да видиме изминативе години се овозможува афирмација и на младите романсиери.“ За Глигор Стојковски, „И досега биле и се прогласувани добри и најдобри остварувања кај нас, но евидентно е дека, признанието што го доделува ’Утрински весник‘ се изборува за доминантно место во нашата книжевна стварност, факт кој особено наидува на исклучителен прием кај македонската романсиерска стварност.” „Полека се востановува една традиција, која на Запад одамна постои, а тоа е издавачи, списанија и дневни весници да етаблираат книжевни награди. Многу ми е драго што она што на почетокот изгледаше како обид, ’Утрински весник‘ го претвори во традиција“, вели Зоран Анчевски.
Конкурс за „Роман на годината“ на „Утрински весник“
1. „Утрински весник“ доделува единствена годишна награда „Роман на годината“ , за која можат да конкурираат сите романи напишани и објавени на македонски јазик во периодот од 15 декември минатата година до 15 декември тековната година.
2. Наградата ја доделува „Утрински весник” на предлог на петчлено жири составено од реномирани книжевни дејци и еден претставник на редакцијата на „Утрински весник”.
3. Книгите што влегуваат во конкуренција за наградата „Роман на годината“ можат да ги предлагаат издавачите, самите автори, како и сите физички и правни лица кои имаат интерес тоа да го сторат.
4. Предлагачите се должни најдоцна до 15 јануари следната година да ги достават предложените книги за наградата „Роман на годината“ и тоа во пет примероци .
5. „Утрински весник” е должен да ја објави одлуката за добитникот на наградата најдоцна до 15 март следната година.
6. Наградата „Роман на годината“ мора да биде доделена.
7. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета и паричен износ од 150.000 денари.
Слободан Мицковиќ: „Во една теорија на уметноста едно време беше мошне актуелно прашањето на односот меѓу содржината и формата. Сета работа беше да се истакне содржината како есенција на уметноста, а содржината тогаш беше пропишана како прост евтин трик, кој доколку оној што го продава малку запне лесно може да биде широко прифатен, особено заради запнувањето. Доколу во едно уметничко дело тие функционираат во таквa согласност, сепак е постигнато нешто. Јас сметам цела како таква хармонизација на текстот понекогаш успева малку понекогаш помалку така што и кога текстот е конечен остануваат доста причини за незадоволства.“
Венко Андоновски: „Конкурсот за наградата на ��Роман на годината“ на „Утрински весник‘ донесува богата продукција, која од година во година е во постојан подем. Имено, почнувајќи од првиот конкурс за ’Роман на годината‘ ,распишан во 1999 година, па се до овој годинава, за наградата конкурирале преку 300 наслови од голем број автори, а тоа ќе рече огромен број страници материјал. Сето ова претставува огромен придонес на развојот на романсиерската литература во Македонија.“
Димитар Башевски: „Ова време, и во светот, и кај нас, е време на романот. Потврда за тоа е продукцијата и интересирањето на публиката последниве години. Еден од најдобрите показатели за тој тренд во Македонија, многу очигледен и многу конкретен, е Конкурсот за ’Роман на годината‘ на ’Утрински весник‘. Овој весник, со овој конкурс, веќе единаесет години остварува незаменлива мисија во афирмацијата на романот како книжевен жанр. Најголемиот број од наградените романи досега имаа свој продуктивен живот кај читателите, беа издавани во повеќе изданија и преведувани во странство.“
Гоце Смилевски: „Книжевните награди, во согласност со својата важност, овозможуваат поширока афирмација на делата, а за авторите се некаква лична сатисфакција, па и радост. ’Роман на годината‘ на ’Утрински весник‘ ја добив за „Разговор со Спиноза“ кога имав дваесет и седум години. Оттогаш добив повеќе награди, од кои три меѓународни, но наградата ’Роман на годината‘ на ’Утрински весник‘ ми останува најдрага.“
Милован Стефановски: „Кога се востановуваше наградата ’Роман на годината’ на ’Утрински весник’, јас бев претседател на Друштвото на писателите на Македонија и во тие простории му беше врачена наградата на сега починатиот Слободан Мицковиќ. Во тоа време воопшто и не помислував дека за пет години оваа награда ќе прерасне во престижно книжевно признание кое ја враќа вербата во во наградите.“
Оливера Николова: „Најчесто нашата денешна живеачка ја решаваат нештата кои се случиле порано, претходно, во блиското или во подалечното минато. Ние сме последица. Како поединци и како народ. А, бидејќи сме последица, наше е барем да не останеме слепи за она што не условило-за причината, колку физиолошка, уште повеќе историска. Тоа е нашата задача како поединци и како народ, а тоа беше задачата и на овој роман....“
Пајо Авировиќ: „ Задоволен сум што на свеченоста на доделување на наградата ’Роман на годината“ на ’Утрински весник‘ постојано присуствуваат огромен број почитувачи на пишаниот збор и пред се читатели и тоа претставува уште поголем предизвик за авторите бидејќи романите се наменети токму на читателската публика.“
Кица Б. Колбе: „ Одлуката на комисијата да ми ја додели оваа престижна награда претставува потврда дека и моето слово е значајно за мојот мајчин јазик, живеела јас илјадници километри далеку од Македонија. Радоста што ми беше причинета со тоа е како горешт снег во пролет, како изблик на миризмата на моето детство, кога научив да го пишувам и љубам секое слово во тој јазик.“
Блаже Миневски: „Да се добие награда што се нарекува ’Роман на годината’ е големо признание, но и голема обврска. Признание, затоа што авторот добива едногодишна валидна тапија дека навистина напишал најдобар роман, а обврска затоа што тапијата мора да важи барем една година, зашто каков е тој роман на годината што ќе се заборави уште пред да истече годината на неговата претпоставена слава.“
Јагода Михајловска-Георгиева, наградата на „Утрински весник“ тогаш ја нарече „литературен оскар“. Оваа награда е поинаква, вели Јагода, веројатно затоа што и материјата, а и мојата цел беа поинакви. Наградата претставува потврда за она што самиот автор веќе го знае. Зашто сум сигурна дека секој што создава, во која било област, длабоко во себе знае дали тоа што го направил е добро или не. Ако не мисли така, а е награден, попусти му се не една, туку сто и една награда“.
Томислав Османли: „Драго ми е што сум еден од малкутемина автори што ја добиваат оваа награда за своја прва романескна творба. Наградата на Вашиот Весник за роман на годината, пак, доаѓа како врвна и институционална потврда на добриот глас чии одѕиви овој роман, на моја радост, непрекинато ги добива.“ |