Витраж
Нивното творештво и нашата почит
Катерина Богоева
Чудесно убави таписерии, дело на првиот и долго време единствениот историчар на уметност и ликовен уметник, Димче Коцо, но и масла, акварели, цртежи и скулптури, од вчера може да се погледнат на изложбата во Ликовниот салон на МАНУ.
Отворена по повод 100-годишнината од раѓањето на овој, и во светски размери, оригинален истражувач и оригинален уметник, изложбата можеше да се доживее како вистински празник доколку посетителите можеа од неа да понесат и поголем каталог, од постојниот отпечатен само на шест страници, а камоли да беше отпечатена и монографија.
Монографија не беше отпечатена ниту за јубилејната изложба отворена во почетокот на месецов во Националната галерија, во Даут-пашин амам, по повод 100- годишнината од раѓањето на првиот академски скулптор Димо Тодоровски, но барем нејзиниот каталог е пообемен, со повеќе фотографии од делата и со превод на текстот и на англиски јазик.
Маја Крстевска, директорката на Националната галерија на Македонија, институција што заедно со МАНУ ги организираше двете изложби, најавува дека идната година ќе бидат отпечатени потребните монографии, но дека на крајот од годинава било важно да се запазат јубилеите. А и Коцо и Тодоровски твореле како што вели академик Цветан Грозданов „во времиња херојски по дела, а тешки по живеење“.
По овој повод, академик Грозданов вчера укажа дека „низа наши родоначалници на современата македонска култура што твореле пред Втората светска војна, во текот и потоа, за Македонија и македонската култура и нејзиното место во светот, не се доволно афирмирани“. „Малку знае јавноста за нив, тоа се драгоцени личности, но ние немаме монографија ни за Блаже Конески, за Ацо Шопов од поетите. Како историчари на уметноста ние пред 20 години направивме еден зборник за академик Димче Коцо.
Наши капитални споменици од типот на црквите „Богородица Перивлепта“, „Св Ѓорѓи“ - Курбиново, „Света Софија“, иако и јас сум пишувал доста, немаат сеуште капитални монографии, а се со светска димензија. За „Св Ѓорѓи“ - Курбиново во Брисел има издадена монографија, за што нашата јавност малку знае. За една културна средина да биде тоа што треба да биде, треба да има монографии. Тоа е исто како некој кој го свири Брамс, да нема партитура“.
Академикот потенцираше дека капитални монографии нема ни за дел од современите македонски ликовни уметници. „Има монографија за Никола Мартиноски, делумна монографија за Лазар Личеноски, но и за Димитар Кондовски нема таква монографија. Треба да се работи што постудиозно и што побрзо, бидејќи нашио�� терен го работат сите балкански земји. Ние сме најбогата земја со фреско - сликарство на Балканот, а немаме ни монографија за Охридската архиепископија која е двигател на културните дејности“.
А јавноста, односно публиката која ги посетува изложбите, веќе е навикната од нив да излезе и со сиромашни по страници и содржини каталози, со малку фотографии од делата, особено ако се работи за автори од младата ликовна сцена, без разлика на вредноста на изложбата. Оправдание се секогаш финансиските средства.
Но, јубилејните изложби се сепак нешто друго. Тие се ретки, значајни од секаков аспект, стогодишнина од раѓање сепак не може да се прославува секоја година.
И токму таквите поводи се оние вистинските за да се собере што е можно повеќе од она што досега е сочувано, но и фотографирано од авторовото творештво, она што некогаш било напишано, но и што сега предизвикува интерес кај проучувачите.
За публиката да дознае повеќе и да се сочува за оние кои треба допрва да дојдат. |