Наташа Петровиќ меѓу европските ѕвезди на Берлинале
Младата македонска актерка остави голем впечаток со улогата во ирско-македонскиот филм „Како да ме нема“, што и' овозможи да биде дел од „Shooting stars“
Сунчица Уневска
Наташа Петровиќ е првиот македонски официјален кандидат кој е селектиран меѓу десет најталентирани европски млади актери што ќе бидат претставени на Берлинскиот филмски фестивал, во рамки на 14. едиција на паневропскиот проект „Shooting stars“. Од 30 пријавени кандидати, петчленото интернационално жири во кое се и познатиот британски автор и филмски критичар Дерек Ели и францускиот продуцент Чедомир Колар, ги одбра годинешните десет кандидати, меѓу кои е и Наташа Петровиќ, кои ќе бидат промовирани и почестени на претстојното Берлинале за нивните уметнички достигнувања.
Филмот кој ја лансираше младата Петровиќ, која е се' уште студентка, е ирско-македонско-шведската копродукција „Како да ме нема“. Станува збор за филмот направен во режија и по сценарио на Хуанита Вилсон од Ирска, кој лани се снимаше во Македонија. „Како да ме нема“ е направен по истоимениот роман на Славенка Дракулиќ, а приказната е фокусирана на младата учителка Самира, која без никаква причина ќе биде заробена и одведена во самото средиште на пеколот на босанската војна. Македонија во оваа копродукција учествува со десет проценти, но освен што овој филм 99 проценти се снимаше во Македонија, на него работеше голема македонска екипа.
Интересно е дека Наташа Петровиќ беше сосем случајно избрана за овој филм, каде што беше пријавена на кастинг за споредна улога, но штом режисерката ја видела веднаш се одлучила за неа. Инаку, претходно таа имаше мала улога во филмот на Манчевски „Сенки“, како и во три кратки филма. Наташа е од Штип, а моментно е четврта година на ФДУ во класата на Владо Цветановски и Мими Таневска.
„Како да ме нема“ беше претставен на фестивалите во Сараево, Торонто, во Сан Себастијан. Како што рече самата Петровиќ, филмот поминал многу добро во Торонто, каде што сите три проекции биле комплетно распродадени. Од Торонто стигнаа и големи пофалби за играта на Наташа Петровиќ, која беше издвоена во филмските осврти за овој филм. Впрочем, и самото кандидирање во рамките на презентацијата на европската мрежа „Европска филмска промоција“, чиј еден од проектите е и „Shooting stars“, е доволен доказ за тоа.
Како што објасни директорот на Филмскиот фонд, Дарко Башевски, Македонија е членка на „Европската филмска промоција“ од минатата година, па на тој начин и се здоби со правото да пријави свој кандидат. Во ЕФП членуваат 32 земји, а нејзината цел е многу поголем маркетинг и промоција на европската кинематографија. ЕФП има повеќе проекти, во кои лани Македонија имаше двајца претставници, и тоа продуцентот Владимир Анастасов, кој беше претставен на Канскиот фестивал во рамки на проектот „Продуценти во движење“ и дистрибутерот Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, која на фестивалот во Сан Себастијан беше дел од десетте европски дистрибутери. Младата Наташа Петровиќ во Берлин ќе биде вклучена во серија настани кои ќе и' овозможат презентација пред меѓународните медиуми и бројни кастинг-агенции и директори, што секако е отскочна штица за меѓународна кариера. |