Бранко Цветкоски добитник на орденот „Владимир Мајаковски“
Московската организација на Сојузот на писателите на Русија „за видни заслуги и постигнувања во развитокот на светската литература“ му го додели орденот „Владимир Мајаковски“, едно од најпрестижните творечки признанија во Руската Федерација, на македонскиот поет Бранко Цветкоски.
По повод доделувањето на високото руско книжевно одликување Цветкоски, меѓу другото, изјави:„Без лажна скромност сакам да го споделам високото руско признание со сите мои македонски колеги-писатели како што секој продор на македонската книжевност во странство преку авторството од моите колеги го сметам и за свој интимен успех и над се' за успех на македонскиот јазик и македонската држава во кои сите ние како во единствена духовна матица остануваме да траеме низ времето. Орденот што го носи името на Мајаковски е голем гест кон моето поетско творештво и кон творбените можности на македонскиот книжевен-културен и национален код. Се радувам и со нетрпение ја очекувам пролетната церемонија во Москва, а на Сојузот на руските писатели и неговата московска организација им искажувам голема благодарност“. (Н.П.)
|