Македонската литература одамна е во Европа
По повод наградата за литература на Европската унија, која на 18 ноември му беше врачена на Гоце Смилевски за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, завчеравечер во просториите на Инфо-центарот на ЕУ во Скопје се одржа промоција на наградената книга. Смилевски истакна дека „на македонската литература одамна и е местото во Европа зашто во последните две децении дала доволно добри автори кои би можеле рамноправно да стојат до своите европски колеги. За него е важно што со наградата, Македонија станала дел од европското семејство, бидејќи од 11 земји чии автори се наградени, таа е единствена што не е членка на Унијата.“
Организаторот на настанот, евроамбасадорот Ерван Фуере, му ја честиташе наградата на Смилевски нагласувајќи дека таа ја покажува културната димензија на европската интеграција.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека наградата е голем настан за македонската култура и држава што го потврдува литературниот потенцијал во земјава. (Н.П.) |