Број 3045  сабота, 25 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ

Човекот на Месечината (не) го промени универзумот

Уметничката инспиративна врска со „освоениот“ Земјин сателит е непрекината

Јасминка Павловска

За четириесет години и четири дена од првото стапнување на човекот на Месечината и историскиот „мал чекор за човекот, а голем за човештвото“, всушност, само дванаесетина претставници на човечкиот род прошетале по нејзината површина. Многу набрзо откако тогашниот американски претседател Ричард Никсон ги опиша деновите по одбројувањето од полетувањето на „Аполо 11“ до „освојувањето“ на Месечината (од 16 до 20 јули 1969 година), како „највеличествена седмица уште од создавањето на светот“, јапонскиот уметник Хорикава му испрати подарок од камења, со предупредувачка забелешка: „Ништо нема да се смени во универзумот ако човештвото стапне на Месечината и донесе камења. Прашање е што ќе се смени во човештвото и неговото размислување?“

Четириесетина години подоцна би требало да претставуваат репрезентативен тест-период за да се „открие“ дали се сменети човештвото и неговиот начин на размислување. И по четири децении и низа човечки шетачи на Месечината, се чини дека лунарната орбита продолжува да биде дестинација за лет на фантазијата, а буквалното слетување на правливата површина на Земјиниот сателит не ги распрсна уметничките мотиви, инспирирани од Месечината. Всушност, од времето на „конспиративната теорија“ на Галилео до тајно поставената скулптура на Пол ван Хојендок на површината на Месечината - уметничката лунарна инспиративна врска е непрекината. Но, нема ништо ново во лунарната „теорија на заговор“.

Се' до ренесансата црквата „насочува“ уметниците да ја доживуваат Месечината како „чиста и замаглена кристална топка“. Претставувана е како пиедестал на девицата Марија, за во некои дела да се претвори во соодветна кочија на Божјата мајка, на нејзиниот пат кон небото... од уметници како Рубенс, Ел Греко и Веласкез. И тогаш, во 1610 година, Галилео ги објавува своите белешки за Месечината, што ја набљудувал од Земјата преку својот телескоп, и го „уништува“ нејзиниот имиџ како нешто добро. Галилео констатира бледо - нежната и интересна светлина на Месечината, всушност, е илуминација на светлината од Сонцето, што се одбива од Земјата. Тоа го означува првиот чекор кон концепцијата на хелиоцентричниот универзум и не минува долго време за ова небесно тело да стане „боиште“ меѓу традиционалните верувања и радикалните научни идеи.

За разлика од 17 век, кога Галилео Галилеј инаетливо ги распрсна самовилските илузии за Месечината, три века подоцна, стапнувањето на човекот на месечевата површина, отвори простор за нови уметнички инспирации и животен ентузијазам. Летот на „Аполо 11“ се чини дека придонесе за спротивставување на креативноста со хаосот, а наспроти секогаш присутното насилство, надежта, сепак, посилно ја одбележа таа деценија на шеесетите години на минатиот век. Таа 1969 година до мисијата на „Аполо 11“ доби историски пропорции, и покрај сите сомневања и теории на заговор што се појавуваат и се' уште постојат. Иако по шест лунарни мисии се' до денеска се запрени научните патувања на Месечината, имагинарните патувања на уметниците добија нови мотиви. Всушност, мотивите некако се поделија во имагинарна разработка на некакви субверзивни научни откритија, или покарактеристично - во насока на претставување на Месечината како симбол на ирационалното. Уметниците патуваат телепатски низ месечевите пустини, откривајќи области со чудни храмови и икони, или, пак, докажувајќи ја теоријата на заговор за освојувањето на Месечината. Уметникот Метју Деј Џексон, на изложбата во Лондон, по повод 40-годишниот јубилеј на стапнувањето на човекот на Месечината, во еден мултимедијален проект докажува дека отпечатокот од стапалата на Баз Олдрин на Месечината е прекриен со радиоактивен тринитит, супстанца, пронајдена во Њу Мексико, пустина каде што САД вршеле нуклеарни тестирања во 1940 година. Џексон овој отпечаток на чизма на Месечината не го третира како „споменик“ на стапнување на човештвото на Месечината, туку како тотем на американската пропаганда за создавање нови митови.

Освен што е предизвик на алтернативната култура, мисијата на „Аполо 11“ стана аргумент во инспирацијата, дури и опсесија на уметниците од популарната култура. Во таа 1969 година, кога Нил Армстронг и Баз Олдрин зачекорија по правливата површина на Месечината, Дејвид Боуви ја создаде својата „Посвета на вселената“ (Space oddity). Дејвид Гилмор од „Пинк флојд“ се сеќава дека на 20 јули 1969 година биле дел од програмата на Би-Би-Си со која во живо бил пренесуван летот на „Аполо 11“ на Месечината. Тогаш тој имал 23 години, а во паузата на панел-дискусијата на научниците во студиото, „Пинк флојд“ ја извеле песната „Moonhead“. Постојат и други интересни „совпаѓања“ на историско-културни паралели во таа 1969 година („Лед цепелин“ го снимиле првиот албум, „Битлси“ го извеле својот последен концерт во живо...), што некако ја засилуваат „историската важност“ на годината што беше обележана од освојувањето на Месечината.

Постојат безброј докази за „влијанието на Месечината врз уметноста на земјаните“, но малку се знае за малото уметничкото дело поставено на Месечината, како прв „мал чекор“ на земјината уметност на Месечината и воопшто во вселената. Уметникот Пол ван Хојендок на една вечера се запознал со Дејвид Скот, член на екипажот на „Аполо 15“, последната мисија што отишла на Месечината во 1972 година. Ван Хојендок му дал на Скот мала алуминиумска скулптура на астронаут, висока 8,5 сантиметри, доволно мала за да може да се „прошверцува“ во вселенскиот скафандер на астронаутот. Скот и останатите од екипажот одржале тајна церемонија на поставување на фигурата на Месечината, придружена со табла на која се испишани имињата на осуммина астронаути и шестмина астронаути што учествувале во лунарната програма. Интересно е дека тоа го сториле без знаење на НАСА, а го објавиле поставувањето на фигурата, за време на прес-конференцијата, по враќањето од мисијата. Денеска репликата на таа статуетка е поставена во Националниот воздухопловен и вселенски музеј во А��ерика.

Човекот не се вратил на Месечината цели 37 години од поставувањето на малата фигура. Иако физичките патувања се запрени - барем до денес - евидентно е дека имагинарните патувања на Месечината ескалираа. Далечната сива сфера се' уште претставува објект на чудна фасцинантност.


Статијата е прочитана 224 пати.

Испрати коментар

Од: stefan
Датум: 25.07.2009 13:20:49
Sletuvanjeto na covekot na Mesecinata e najgolemata laga na 20 vek. Amerikanski trik za dokazuvanje na svojata sila i nadmoc. Cista izmislica kako kako i se drugo sto e od Made in USA
Од: dedodimo
Датум: 26.07.2009 07:35:24
Stefan izgleda e vo pravo , na mesechinata nema vlaga pa stapalkite ne mozat taka da izgledaat a i slikata na AMSTRONG napravena vo senka nemozi tolku bela da izgleda .

Најди! во Утрински
Забава
Винотеката „Темов“ - нов пулс на Старата скопска чаршија
Чоколадата како порок и доблест
Гуру пурнима- Денот на духовните учители
Накитот од фимо-глина весело шаренило среде стресот на градот