СТИЛ: Писмо од Лондон
Чоколадата како порок и доблест
За чоколадата, како и за сите други (тогаш) привлечни и тајни супстанци, се зборувало дека е силен афродизијак
Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Научниците од медицинската школа при универзитетот на Источна Англија во Норич соопштија дека ќе ја истражуваат „лековитоста“ на темната чоколада.
За таа цел, 40 жени-доброволци во периодот на постменопауза и со дијабетес тип два, ќе бидат подложени на испитување за тоа дали состојките во чоколадата може да го намалат ризикот од срцеви заболувања. Доброволците ќе треба да јадат мали количества чоколада, секој ден, во рок од една година, по што ќе бидат изложени на серија тестови за утврдување на крвниот притисок и нивото на холестерол, како и за состојбата во која се наоѓаат нивните артерии.
Претставник на универзитетот во Норич изјави дека успешниот исход од истражувањето за корисноста по здравјето од темната чоколада, може да биде првиот чекор во унапредувањето на новите начини за подобрување на животот кај луѓето во услови на зголемен ризик од срцеви заболувања.
Лекарите, и пред ова истражување, им сугерираа на луѓето, особено на оние во т.н. „фини“ години, да ја избегнуваат обичната и да јадат темна чоколада, опишувајќи ја како „поздрава“, но покажувајќи дека и по повеќе од три века од настанувањето чоколадата продолжува да се третира низ нејзината корисна и штетна страна. Всушност, за чоколадата како „лек“ и за нејзината „лековитост“ се слушнало уште во времето кога европските истражувачи, враќајќи се од далечните, егзотични земји, носеле разни мирисни и други непознати супстанци. Тогашните медицинари се труделе да утврдат кои болести, што тогаш ги знаеле, би можело да се лекуваат со егзотичните супстанци што првпат ги гледале.
Кога темното чоколадно зрно се појавило во Велика Британија од Мексико и од колониите, прво од него се правел напиток, за кој се сметало дека има лековити својства и се третирал како лек. Чоколадната табла, за засладување и за уживање, по што денеска луѓето ја познаваат чоколадата, се појавила многу подоцна. Британските експерти за храна веруваат дека заслугата за „порочноста“ на чоколадата би требало да му се припише на сер Ханс Слоун. За него се вели дека ја обожавал чоколадата, како и оти се верува дека токму тој прв се сетил да почне да ги комбинира мелените чоколадни зрна со млеко. Обичните Британци, меѓутоа, помалку знаат дека од таа негова комбинација, подоцна, со додавање и на шеќер, е направена чоколадата. Статистиката покажува дека денес секој жител на Велика Британија, годишно и во просек, јаде повеќе од осум килограми чоколада, а тоа е количество што во светот го надминуваат само Швајцарците. Но, Британците помалку го ценат придонесот на Слоун во развојот на националната зависност од чоколадата. За нив тој е повеќе познат како угледен лекар и природонаучник, како маркантна личност на Лондон во џорџијанскиот период на Британија од пред повеќе од 300 години, како земјосопственик, но и како мецена и колекционер, кој давајќи и' ја на државата својата богата збирка и голема библиотека придонел за создавањето на јадрото на она што денес се нарекува Британски музеј.
Како и да е, Слоун како млад човек, во 1687 година заминал за Јамајка за да работи како лекар кај британскиот колонијален гувернер. Таму забележал дека жените од овој карипски остров им даваат течна чоколада за да ги лекуваат болните деца. Кога две години подоцна се вратил во Лондон, носејќи од таму неколку стотини садници, почнал да експериментира со својот рецепт (комбинирал млеко со мелени чоколадни зрна), па кога го усовршил му го продал на некој бакал во Сохо. Потоа, наследниците на бакалот го препродале рецептот на денес најпознатата англиска марка на чоколади „катберис“.
За чоколадата, како и за сите други (тогаш) привлечни и тајни супстанци, некое време се зборувало дека е силен афродизијак. Така е раширена приказната дека Монтезума, славниот владетел на мексиканските Ацтеки од почетокот на 16 век, дневно пиел и 50 чаши напиток од чоколада, пред да се упати кон одаите на харемот полн со млади жени. Освојувачот на неговата земја и човекот што го уништил неговото „златно“ царство, шпанскиот конквистадор Хернандо Кортез, запишал во своите белешки во 1528 година дека една шолја со чоколада (што тој го забележал како напиток што го пиеле Ацтеките), била сосема доволна за неговите војници да издржат цел ден без храна. Ваквите приказни продолжуваат понатаму низ историјата, па се тврди дека прочуениот љубовник Казанова ја сметал чоколадата како многу покорисна за неговите потреби во освојувањето на жените отколку шампањско, на пример, додека сите големи и познати гурмани од 19 век го препорачувале чоколадниот напиток како стимулативно средство.
Овдешните циници, денеска, ќе забележат дека целата таа фама околу користењето на чоколадата за „онаа работа“, е одамна исчезната, па во Британија меѓу денешните генерации топлата чоколада, исто толку популарно и омилено како и чоколадните табли, се третира како напиток за смирување и обично се зема пред спиење. Што ќе значи дека чоколадата многу повеќе помага за заспивање, отколку што помага за заведување. Сето тоа, меѓутоа, покажува дека ефектите од чоколадата биле и остануваат толку нереални и производ на човековата фантазија, колку што се и реални. Има записи од кои се гледа дека уште во 17 век, луѓето во тогашното високо лондонско општество, кои први почнале да го употребуваат чоколадниот напиток, забележале дека тоа им создава проблеми на некои од нив, посебно на оние кои имале тешкотии со жолчката, или со варењето на храната. Денешните луѓе чоколадата ја примаат само како задоволство што за некои се претвора во зависност. Има луѓе, на пример, на кои никогаш не им доволно од него и постојано го имаат со себе. На оние кои страдаат од нагло паѓање на шеќерот во крвта им помага да се повратат пред да се онесвестат. Некои ученици и студенти, пак, тврдат дека без чоколадната табла не можат да ги научат лекциите. Сите тие не се автоматски и дебели и нездрави луѓе, затоа што сите немаат еднаков метаболизам. Сепак, формулата на денешните чоколада, во кои има маснотии и шеќер, го прави тоа да биде непријател на стројната линија на телото, а не ретко и на здравјето. Лекарите од поодамна предупредуваат чоколадата помалку или воопшто да не ја земаат оние што боледуваат од дијабетес, како и оние со проблеми со крвен притисок и холестерол.
Еве сега некогашниот таинствен лек, потоа претворен во некаква вијагра на минатите векови, а на крај сведен само на помошно средство за смирување и успивање, чоколадата, овој пат онаа темната, влегува во лабораторија за одново да се трага по нејзината лековитост. Едногодишното испитување на научниците од универзитетот во англискиот град Норич, можеби, овојпат ќе помогне на чоколадата повеќе да не се гледа само како на порок, туку и како на здрава потреба. |