Охрид домаќин на регионална обука за млади лидери
ОХРИД - Четириесетина млади луѓе од регионот, од денес до 26 август, во Охрид ќе бидат дел од обуката за млади лидери која ја организира Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов. Тие ќе имаат можност да следат предавања од истакнати професори од САД, Израел, Германија, Британија, Унгарија и Косово. Цел на школата е ��тимулација на позитивните вредности кај младите генерации, идни политички, културни и стопански предводници на нашата земја.
Шефот на државата призна дека изминативе години малку се инвестирало во развојот на младите потенцијални лидери. „Често беа оставени сами да се снаоѓаат. Денес се врти нова страница. Државата и бизнисот треба да се партнери, кои со заеднички напори создаваат вистинска вредност. Обуката е одлична можност за плодна размена на искуства и идеи меѓу сегашните и идните лидери“, нагласи претседателот Иванов.
На отворањето на обуката присуствуваше и американскиот амбасадор во Македонија, Филип Рикер. Според него, работилницата ќе овозможи младите подобро да спознаат кои се нивните силни страни, но и какви предизвици ги очекуваат. „Со развивање на лидерските квалитети корист ќе имаат и младите, но и државата“, нагласи Рикер. (Мк.Т.) |