Кошничката полна само статистички
Откако ќе ги издвојат парите за јадење, би требало да останат 8.906 денари, пресметале статистичарите
Александрија Стевковска
Просечната македонска трпеза секој ден е прилично посна, со минимум продукти, и тоа со најевтините. Ова може да се заклучи од статистичките податоци за трошокот на месечната ��отрошувачка кошница. Според нив, храната и пијалаците, кои ја сочинуваат кошницата, финансиски тежат малку помалку од просекот на месечните примања, што значи дека секој месец откако едно семејство ќе ги издвои парите за јадење, би требало да му останат вишок 8.906 денари! За жал, статистиката не се пресликува во практика, бидејќи секојдневните пресметки на животните трошоци покажуваат дека откако ќе се купи храна, не само што не може да остане денар за покривање други трошоци туку просечната плата не стигнува ниту за бедно месечно преживување.
Актуелните секојдневни поскапувања на овошјето и на зеленчукот, лебот, манифестирани и преку регистрираната инфлација, само ја цементираат убеденоста дека нема шанси потрошувачката кошница да чини, толку колку што покажува статистиката. Инфлацијата, која е наше секојдневје, дури покажува дека таа на хартија е помала од онаа што ја чувствуваат нашите паричници при пазарењата. За плаќање комуналии и на други трошоци, како и за училишен прибор, книги, некои културни или спортски активности не станува збор, бидејќи за нив, едноставно, пари не стигнуваат.
Ако им се верува на пресметките на Заводот за статистика, за едно четиричлено домаќинство да преживее месечно, доволни му се 26 килограми леб, 13 литри млеко, 1,2 килограма риба, 1,3 килограми свинско со коска, 600 грама пилешки стек, 500 грама шунка, 1,8 килограми тестенини, 2,1 килограм грав, 9,2 килограма компир и 2,7 килограми ориз.
Заводот, исто така, пресметал дека за едно четиричлено семејство месечно да живее, доволни му се 3,6 литри јогурт и 2,5 килограми кисело млеко. Ако менито се збогати со сирење, според статистичарите, за тоа на семејството му се доволни само 2,5 килограми месечно, количина што треба да се растегне во 30 дена. Сето тоа може да биде сервирано со 5,8 килограми домат, 2,1 килограми краставица, поделени на 30 или на 31 ден. Затоа, пак, статистичарите биле најпопустливи кај јајцата, каде што дозволиле семејството месечно да изеде дури 66. Главниот оброк може да биде сервиран со овошен сок, и тоа со 2,3 литри месечно, 7 литри газиран сок, 900 милилитри вино и 3,90 литри пиво.
По главното јадење, доаѓа десерт во форма на овошје или кондиторски производи. Статистичарите пресметале дека семејството смее да изеде од овошјето најмногу 3,6 килограми јаболка, 1,6 килограми портокали, 800 грама лимон и 1,8 килограми банани.
За квалитетна исхрана на организмот, пресметано е дека на едно семејство месечно му се доволни само 100 грама ореви и дури 800 грама кикиритки.
По ваквото „квалитетно и обилно“ јадење, следува десерт, и тоа месечно 400 грама чоколадо и 1,8 килограми наполитанки. Друго нема на листата, освен ако како десерт се сметаат 200 грама мед, 4 килограми шеќер и 300 грама еурокрем. Сосема на крај, семејството може да се почести со по едно кафе. Но и тука не треба големо опуштање, бидејќи се пресметало дека на едно семејство месечно му се дозволени 800 грама кафе, па секој нека пресмета на колку гости ќе им понуди кафе, бидејќи ако гостите го испијат кафето, ќе нема за домаќините.
Статистичарите пресметале дека за јули на граѓаните им биле доволни 11.892 денари за секој ден да имаат полна трпеза, но останува сознанието дека пресметките не се реални за да ги задоволат месечните потреби од храна на едно четиричлено семејство. Доколку е вистинита пресметката за потрошувачката кошница, тоа значи дека сите членови на семејството секој ден треба да трошат по 396 денари за да се прехранат, или по 99 денари за секој член од семејството.
„Баш ме интересира кое дете може да помине дневно со 99 денари кога тие не им се доволни ниту на возрасните. Каде е тука млекото, лебот, паштета, некој сладолед. За комплетен оброк на децата, потребно е и овошје, риба, месо, за кои нема пари, а доколку нешто се приготви од тоа, тогаш на децата треба да им се дозира храната во грамови. Што ако, пак, посакаат да се почестат со некоја кифла, ѓеврек или сендвич? Тогаш во еден ден ќе се потрошат парите од два дена, што ги планирале статистичарите. За нормално живеење, нема шанси да се потроши под една и пол плата, што значи над 30.000 денари“, вели скопјанката Ана Петрова. Според неа, домашниот буџет дополнително го оптоваруваат комуналиите, средствата за хигиена, училишните трошоци, некоја слободна активност.
„Крпен живот. Едвај преживуваме, а некој пресметал дека добро живееме и тоа со една просечна плата и со месечни издатоци за храна од само 12.000 денари, што е научна фантастика“, додава Петрова.
При компарација на просечните примања и потрошувачката кошница мора да се води сметка за фактот дека најчесто еден вработен издржува четворица. Сликата се влошува ако се знае и дека околу 70 проценти од вработените не ја заработуваат просечната плата од 20.800 денари вкупно со храна и превоз до работа, додека голем дел, пак, имаат плата пониска дури и од износот потребен да се наполни п��трошувачката кошничка, онаква каква што ја мери статистиката.
Заводот за статистика, веројатно, имајќи ги предвид досегашните слабости на методологијата за пресметка на животниот стандард, најави дека ќе почне на поинаков начин да ја пресметува потрошувачката кошничка, со што ќе може пообјективно да се согледа нивото на животот.
„Решивме од следната година во кошничката да не ги прикажуваме само податоците за исхрана и за пијалаци, туку врз основа на едно ново поопфатно истражување за животниот стандард, согласно со европските стандарди, да започнеме да пресметуваме една друга структура на потрошувачка кошничка. Тоа ќе обезбеди нови димензии на оваа појава, секако, во интерес на населението, и податоци што ќе го отсликуваат стандардот пореално“, најавуваат од статистика. Оттаму в година ќе почнат да го анализираат животниот стандард според европскиот СИЛ-метод. Тоа ќе биде прво истражување во регионот и ќе има предност, затоа што преку него ќе можат да се прават споредбени анализи со нивото на сиромаштијата и со потрошувачката кошничка. (А.С.)
Месечни потреби:
26 килограми леб
13 литри млеко
1,2 килограма риба
1,3 килограми свинско со коска 600 грама пилешки стек
500 грама шунка
1,8 килограми тестенини
2,1 килограм грав
9,2 килограма компир
2,7 килограми ориз
3,6 литри јогурт
2,5 килограми кисело млеко
2,5 килограми сирење
5,8 килограми домат
2,1 килограми краставица
66 јајца
2,3 литри овошен сок
7 литри газиран сок
900 милилитри вино
3,90 литри пиво
3,6 килограми јаболка
1,6 килограми портокали
800 грама лимон
1,8 килограми банани |