Зимската служба подготвена за првиот снег
Градот има набавено 1.500 тони сол, а во депо се складирани резервни 300 тони сол
Зимската служба на Градот е подготвена за првите снежни врнежи и за расчистување на градските улици има набавено 1.500 тони сол. Службата ги има на располагање и минатогодишните резерви од 300 тони, кои се складирани во депото на ЈП „Улици и патишта“.
Од Градот информираат дека исто така имаат набавено и ладна маса за евентуалното затворање на ударните дупки кои обично се појавуваат од разјадувањето на коловозите. Доколку има потреба, велат ќе интервенираат, за што на располагање имаат 150 тони ладен асфалт. Од ЈП „Улици и патишта“ тврдат дека се комплетно подготвени и со механизација, а покрај старите возила, Градот распишал јавни набавки и за нови.
„На располагање имаме осум градежни машини. Иако станува збор за стари ’соларки‘, тие, сепак, се во кондиција. Градот веќе распиша јавна набавка за 4 осовински возила за снег опремени со плугови. Исто така, ќе набави и една ’грејдер‘ машина, која ќе може да се користи во услови на поголем снег. Оваа машина има нож за расчистување на снегот од коловозната лента. Како и секоја година, така и оваа, доколку има потреба во услови на поголеми снежни врнежи, вообичаено за расчистување ќе ја вклучиме и механизацијата на градежните претпријатија“, вели Иван Ставрев, заменик- директор на ЈП „Улици и патишта“.
Од Одделението за односи со јавност во Градот објаснија дека сите детали околу организацијата, механизацијата и координацијата на Зимската служба се прецизирани во Програмата за одржување на магистралните улици во зимски услови. Градскиот штаб за справување со кризи велат е конституиран и подготвено се очекува првиот снег. Сезоната трае од 15 ноември до 15 март, а доколку има потреба ќе се интервенира и пред и по предвидените термини. (Сн.К.) |