Неплатената фирмарина повторно ќе ги блокира сметките
Градските власти ќе почнат со опоменување на фирмите и за долгот за 2009 година
Сања Наумовска
Денеска завршува рокот за плаќање на заостанатите давачки за фирмарина за 2007 и 2008 година, кој пред три месеци го даде Градот Скопје. Сите фирми што не ја искористиле можноста да ја платат оваа такса од утре повторно ќе се соочат со блокирани сметки, а ќе се активира можноста за присилна наплата.
Во Скопје има 42.828 фирми од кои само 15.499, или околу 36 проценти редовно ја намируваат оваа обврска, додека останатите 64 проценти немаат платено за две или за три години. Приходите од фирмарината Градот и десет скопски општини ги делат во однос 60 спрема 40 проценти.
Во Градот Скопје моментно немаат конечна бројка колку од вкупно 27.000 фирми-должници изминативе месеци ја искористиле можноста да платат фирмарина, со образложение дека до истекот на рокот има уште два дена. На овие фирми еднаш веќе им беа блокирани сметките поради долговите, но по нивните реакции градските власти им ги активираа, со услов до крајот на овој месец да си го расчистат долгот.
Нема да има пролонгирање на можноста за плаќање, велат во Градот, што значи дека на сите должници повторно им се заканува присилната наплата. Градските власти најавуваат дека по расчистувањето со долговите за 2007 и 2008 година, веднаш ќе почнат да ги опоменуваат фирмите и за обврските за плаќање такса за фирмарина и за 2009 година.
„Ако по опомените не се плати и минатогодишниот долг, веднаш ќе биде активирана мерката присилна наплата“, соопштуваат градските власти.
Поради големината на таксата за фирмарина, која за трговски друштва изнесува 8.000 денари годишно, а за трговци-поединци 2.700 денари, Советот на Скопје на седницата минатиот месец одлучи да ги намали давачките. Така, наместо 8.000 денари, сега ќе се плаќа 7.000 денари годишно, односно наместо 2.700 - 2.400 денари годишно.
„Новините ќе в��жат од годинава, што значи дека намалувањето не важи за оние што долгуваат. Сепак, се надеваме дека со овој потег ќе им излеземе во пресрет на фирмите во иднина да им биде олеснето плаќањето за да се избегне повторување на потребата од присилна наплата“, информираат од Градот Скопје. |