Битолската ЗОО подари десетина животни
Од вчера Зоолошката градина е збогатена со десетина нови животни, подарок од ЗОО од Битола. Пристигнаа пар биволи, две лисици, три златни фазана, по еден ној и паун и неколку кокошки-бисерки. За возврат, скопската ЗОО ќе и' подари на битолската пар лопатари, три нутрии, два американски ракуна и по еден јак и белоглав мршојадец. Дане Кузмановски, директор на скопската Зоолошка градина вели дека размената на животните е само почеток на планираната интензивна соработка на двете зоолошки.
„Со оглед на тоа дека нашата ЗОО е членка на ЕАЗА, сите искуства што ги применуваме оттаму ќе ги разменуваме со градината од Битола. Истовремено, кога ќе преговараме за размена на животни со зоолошки од други држави, ќе лобираме за животни и за битолската градина“, вели Кузмановски.
Тој најави дека за десетина дена ќе пристигне бенгалски тигар, кој ќе биде на привремен престој во скопската ЗОО за да се спари со тигрица, па така Зоолошката ќе добие принови тигри. (Дс.Т.) |