„Макекспрес“ со автобуси „мерцедес“
Претпријатието не е заинтересирано за автобусите што ги увезува „Слобода превоз“
Приватните превозници од „Макекспрес“, учесници во јавниот градски превоз, ќе го обноват возниот парк со триесетина германски автобуси од познатите производители „Мерцедес“ и „Неоплан“. Тие не биле заинтересирани за автобусите на „Даф“, „Сканија“ и „Волво“ што ги увезува данска фирма за превозниците од „Слобода превоз“ .
За своите потреби „Макекспрес“ набавува автобуси кои не се возени повеќе од десетина години во неколку германски градови. Дваесет автобуси веќе се пристигнати, а уште десетина во конвој ќе тргнат од Минхен до крајов на неделава. Дел од пристигнатите се' уште се на Царина, а дел чекаат регистарски таблички. Еден автобус веќе сообраќа на линијата број „52“ од Транспортен центар до селото ‘Ржаничино. Неделава би требало да биде вклучен во сообраќај уште еден автобус и тоа на линијата број „19“. Германски автобуси ќе сообраќаат и на линиите „9“, „22“ и на „23“ откако ќе бидат повлечени старите возила.
„Нашите членови повеќе беа за германски автобуси отколку за оние што ги набавува ’Слобода превоз‘. Овие автобуси не се постари од една деценија и извадени се дирекно од линиите на градскиот превоз на неколку германски градови, Хановер, Келн, Минхен. Имаат мотори ’еуро 2’, ’еуро 3‘ и ’еуро 4‘. Германците не ги сакаат поради електрониката, бидејќи слабо ја познаваат, а изработена е од полски ’Соларис‘. Кога им се појавува проблем, тие не сакаат да губат време, чекајќи мајстори од Полска, па ги продаваат возилата“, вели Војо Велевски, еден од основачите на „Макекспрес“.
Автобусите чинат помеѓу 15 и 30 илјади евра, а нивното купување „Макекспрес“ ќе го реализира преку кредитна линија од Прокредит банка со отплата на пет години. (Сн.К.) |