Мислења
Предизвици без прашина
Исмет Рамадани
Се ужасувам од терминот „богобојазливост“. Зарем Бог, со љубовта со која не' опсипува заслужил да му возвратиме со плашење?
Кога се размислува за зачувување и унапредување на односите меѓу заедниците, некако индикативно се наметнува општата политичка клима во земјата. Во меѓународната номенклатура овие односи се третираат како меѓуетнички односи и имаат големо значење во градењето на едно демократско цивилизирано општество. Затоа, секој обид да се градат добри и хармонични меѓуетнички односи надвор од севкупните збиднувања во земјата, се само пусти желби на добрите луѓе.
Македонија како држава е посебен пример и за регионот, па и за цела Европа, за тоа што навистина значи мултиетничко општество. Националниот, јазичниот, културниот и верскиот диверзитет со кој располага Македонија е голем плус за нас во нашето претставување на меѓународната сцена, затоа и без сомнение треба да пристапиме позитивно при негувањето на меѓуетничките односи и нивното промовирање и развивање. Помина времето кога доволно беше да се напишат уставни и законски одредби кои ги регулираат правата на заедниците, а тие никогаш во целост да не се спроведуваат во секојдневјето. Денес, кога заедниците се организирани во политички и невладини организации, со нивни претставници во органите и институциите на државата, не може никој да ги замолчи во намерата гласно да ги бараат нивните легитимни права. Секое замижување и одлагање на остварувањето на националните права на заедниците само ја продлабочува кризата во меѓуетничките односи, а тоа директно влијае во нормалниот развој на демократските вредности. Затоа, никогаш не треба да се помириме со оние кои свесно или несвесно создаваат нервозна политичка клима, ловејќи во матно, божем остваруваат некакви патриотски цели, а во суштина го доведуваат во прашање најбитното - постоењето на државата.
Во едно мултиетничко општество, меѓуетничките односи освен што се регулираат со уставни и законски рамки кои, се разбира, треба да се спроведуваат и почитуваат, многу важна улога имаат и политичките субјекти. Особено е важно како и колку нивното водство ги афирмира позитивно културните, верските и јазичните разлики во секојдневјето. Да живееш во држава која има статус на кандидат за членство во ЕУ и исполнети услови за членка на НАТО (пречка е само проблемот за името со Грција) и да не промовираш добри меѓуетнички односи, не значи ништо друго, освен нерационално однесување и промашување на патот кој води кон демократски и цивилизиран свет. Кога велам да промовираме добри меѓуетнички односи, тоа треба да значи хармоничен и толерантен однос кон разликите кои сочинуваат еден мултиетнички мозаик, кој е толку видлив во очите на другите. Во спротивно, секој наш обид за лажно промовирање ќе биде само една фарса, која нема да биде наше внатрешно убаво чувство дека се живее во мултиетничко општество.
Во денешниот свет, со толку силна тенденција на глобализација, со толкава фреквенција на блиска и далечна комуникација меѓу луѓето, некој да се прави „важен” кај своите дека тој ќе им ги скрати легитимните етнички права на другите е чиста глупост. Едно вакво однесување предизвикув�� ирационална реакција од типот „подготвени сме да гинеме за остварување на нашите етнички права”, што е исто толкава глупост за едно модерно цивилизирано општество. Едноставно, за жалење се тие што не ја разбираат суштината и убавината на тоа да бидеш дел од културниот диверзитет на едно модерно и богато мултиетничко општество.
Ако се искрени нашите стремежи да станеме земја-членка на НАТО и на ЕУ, тогаш треба да ни биде кристално јасно дека таму има правила на однесување кои се во наша корист, посебно на полето на меѓуетничките релации и националниот идентитет. Замислете какво богатство и гордост за една нација е да се биде дел од културниот и јазичниот диверзитет во големото семејство на Европската унија. Не е ли убаво национално чувство и гордост за една земја кога во Европскиот парламент од дваесет и неколку кабини со преведувачи се преведува и говорниот јазик на нашите идни евро-парламентарци, кога тие од говорницата се обраќаат на својот јазик.
Ако некој мисли дека ваквите размислувања се некаква утопија или премногу идеализирана желба, мислам дека не се во право. Длабоко сум убеден дека земја која веќе има статус на земја-кандидат во ЕУ и ги исполнува критериумите за членство во НАТО, има реални шанси да биде дел од една целина која се нарекува модерно демократско цивилизирано општество. Прифаќам и други размислувања за добри меѓуетнички односи и нивното влијание во процесот на евроатлантските интеграции, но не со алтернатива и замена која натрупува премногу конформизам и декларативност. Предизвиците ЕУ и НАТО бараат многу труд, компромиси, прагматичност и позитивен приод во решавање на проблемите. Во нашиот случај, проблемот за името со Грција ни создава дополнителни тешкотии да одговориме на овие предизвици, но враќање назад нема, мора да се најде компромисно решение, со донесување консензуална меѓуетничка, меѓупартиска и државничка одлука. Ако тргнеме од една мисла на Конрад Аденауер, која вели „сложеното мора да се упрости за да се реши“, тогаш и проблемот со Грција е едно комплексно прашање кое мора да се упрости со цел да се најде одговор на него. Можеби во дадената ситуација одлуката за промена на името ќе биде малку болна за нас, но не треба да заборавиме дека таа е и единствената можност да го избегнеме наредното ВЕТО на соседот Грција, на нашиот пат кон евроатлантските интеграции.
Повторувам, секогаш прифаќам и друг пристап кон овие мои размислувања, но никогаш нема да се согласам со тие кои протежираат постапки за нарушување на меѓуетничките односи со отворање рани, создавање конфликти со трагичен епилог за обичните недолжни луѓе. Затоа, искрено барам истомисленици и критичка мисла, предизвиците кон кои се стремиме, а тоа се ЕУ и НАТО, да бидат појасни и почисти од разни архивски документи кои обично се покриени со малку прашина и често се случува тие да бидат и погрешно читани.
(Авторот е поранешен пратеник) |