Марти Ахтисари доби Нобелова награда за мир

Тој ја доби наградата како глобален посредник т.е. за децениската кариера на миротворење низ светот
ОСЛО - Поранешниот претседател на Финска, Марти Ахтисари ја доби Нобеловата награда за мир, за децениската кариера на миротворење низ светот - од Намибија до Косово. Норвешкиот Нобелов комитет го избра Ахтисари за добитник на наградата од 1,4 милиони долари во конкуренција на 197 кандидати „за неговите важни напори, на неколку континенти и повеќе од три децении, за решавање на меѓународните конфликти“.
„Тие напори придонесоа за еден помирен свет и за ’братство меѓу нациите‘ во духот на Алфред Нобел, истакна Комитетот за доделување награди во своето соопштение, додавајќи дека се надева оти наградата ќе ги инспирира другите миротворци во светот.
Ахтисари, кој има 71 година и беше претседател на Финска од 1994 до 2000 година, со години беше фаворит да го добие, како што многумина сметаат, врвното признание во светот. „Тој беше еден од главните посредници за ОН повеќе од една генерација“, рече Јан Егеланд, поранешен шеф на операциите на ОН за вонредна помош, од Норвешка. Во 2005 година, Ахтисари посредуваше за мир меѓу Индонезија и бунтовниците во провинцијата Ацех, за окончување на 30-годишни борби. Се' до март минатата година тој ги водеше српско-албанските разговори за Косово како пратеник на ОН. Тој беше архитект на планот, поддржан од ЕУ, за независност на Косово од Србија, што им гарантираше права на српското малцинство и беше спроведуван без крвопролевање, по војните кои ја распаднаа Југославија во деведесеттите години.
„Во 1989/90 година тој имаше значајна улога во воспоставувањето независност на Намибија“, соопшти Комитетот. „Во 2005 година тој и неговата организација, Иницијатива за управување со кризи (ЦМИ), имаа централна улога во решавањето на комплицираното прашање за Ацех во Индонезија. Во 1999 година, и повторно во 2005-2007, тој се обиде под посебно тешки околности да најде решение за конфликтот на Косово“, истакна Комитетот.
Ахтисари беше предводник за Западна Европа и САД во 1999 година, доставувајќи му ги мировните услови на НАТО на тогашниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ, за окончување на воздушната кампања на Косово. Почнувајќи од 1970-тите години, како официјален претставник на ОН, тој помогна Намибија да се движи кон независност, која конечно ја стекна во 1990 година.
„Секако, многу сум задоволен од одлуката“, изјави Ахтисари за норвешкиот медиум НРК. „Намибија беше апсолутно најважна бидејќи беше потребно толку долго време“, рече тој, но додаде дека неговата работа во Ацех и на Балканот, исто така, беше меѓу најзначајните.
Индонезискиот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно беше одушевен од информацијата дека Ахтисари ја добил наградата, јави портпарол од Индонезија. „Ние го познаваме како чесен човек, човек со интегритет и човек кој не само што е целосно посветен на цената на мирот, туку, исто така, има редок талент да помогне тоа да биде практичен приоритет на теренот“, рече портпаролот.
Наградата „го нагласува значењето на континуираната и упорна работа за мирот на Балканот“ рече европскиот комесар за проширување Оли Рен, исто така Финец одговорен за Балканот.
„Тој е професионален дипломат и многу искусен преговарач“, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Србија Живадин Јовановиќ. „Сепак, тој во Србија претставува симбол за независноста на Косово и ќе се памети како архитект на сецесијата на Косово“. Поранешниот косовски премиер Агим Чеку рече: „Наградата отиде кај човекот што ја заслужува“. (Ројтерс) |