Стружани добија вода
СТРУГА - По два дена и две ноќи, вчера рано наутро беше отстранет големиот дефект на главната мрежа кај Шум, со што Струга и околните населени места добија вода за пиење. Исто толку време екипи на МЈП „Проаква“ од Струга без прекин работеа на отстранување на дефектот. Од јавното претпријатие изјавија дека причина за дефектот била застарената водоводна мрежа, изградена пред половина век.
Дефект на главната водоводна цевка во селото Шум, кај Струга, од средата попладне ги остави стружани, но и се' побројните гости без вода. Само во одредени делови имало сосема малку, главно, во пониските места, меѓутоа со сосема мал притисок.
Покрај граѓаните, со проблемот се соочија и хотелите, од каде што објавија дека ги напуштаат странците. Во хотел „Белград“ се сместени Холанѓани кои се заканија со заминување. Локалните медиуми јавија дека некои од домашните гости заминале уште од средата.
Овој случај покажа дека надлежните треба да реагираат побрзо и во вакви ситуации, ако треба и ноќе. Стружани сметаат дека само со анимирање на медиумите е можно работите да се придвижат напред. Инаку најголемите забелешки ги упатуваат кон градоначалникот Рамиз Мерко.
Крсте Блажески, менаџер во хотелите„Дрим“ и „Белград“, најголемите сместувачки капацитети во Струга, за „Утрински весник“ изјави дека со максимални напори и користење на свој артерски бунар, успеале, во пониските катови на хотелот „Дрим“ гостите да не го почувствуваат недостигот од вода, но дека покритична била ситуацијата во хотелот „Белград“. (В.М) |