Бакарот го враќа оптимизмот во Пехчево
Најдоцна за еден месец во геолошките истражувања ќе се вклучи бугарската фирма „Геопс“
Иван Бојаџиски
ШТИП - Бугарски „Геопс“ се вклучува во процесот на геолошки истражувања на месноста Кадиица над Пехчево каде што руската компанија „Солвеј“ планира да отвори нов рудник за бакар. На врвот Кадиица, за најмногу еден месец, ќе биде инсталирана уште една нова и моќна машина за дупчење. Договор за ова во Пехчево потпишаа Васил Андреев, сопственик на „Геопс“ и Николајчо Николов, управител на „Кадиица метал“.
Николов вели дека не биле задоволни од темпото со кое изминатиот месец се извршуваат дупчењата на овој локалитет поради што морале да ангажираат нова фирма.
„Сакаме да останеме доследни на ветувањето и до есен идната година да го завршиме процесот на геолошките истражувања, а потоа, ако резултатите бидат поволни, и да го отвориме рудникот. Тоа беше нашиот голем мотив да потпишеме договор со ‘Геопс‘, која е една од водечките компании за ваков вид работи во југоисточна Европа и која има своја фирма ќерка во Македонија. Сега сме сосема убедени дека работите во однос на истражувањата на рудното богатство ќе ги завршиме на време и дека во 2014 година ќе можеме да јавиме добра вест дека кај Пехчево започнал со работа новиот рудник за оксиден бакар“, изјави Николов.
Васил Андреев појаснува дека „Геопс“ е компанија со дваесет моќни дупчалки и 200 вработени кои извршуваат геолошки истражувања во многу држави во југоисточна Европа.
„Во Македонија наши машини работат на истражувањата во атарот на Иловица кај Струмица.Вакви истражувања имавме за ‘Фени‘ и ‘Силекс‘, а десет наши машини се во Србија, за истражни потреби на рудникот „Бор“. Со македонските фирми секогаш сме остварувале одлична соработка. На теренот на Кадиица дупчевме и за американската компанија „Фелпс доџ“ која овде беше присутна во периодот 2002 – 2005 година. Како прв човек на „Геопс“ давам гаранција дека на време и со висок квалитет ќе ги завршиме истражните работи на овој локалитет“, вели Андреев.
Со посебна клаузула во договорот бугарската компанија е обврзана со ништо да не ја наруши животната средина каде што доминираат непрегледни шуми од бор и бука. Договорено е до крајот на оваа година да се направат дупчотини од вкупно 7.000 метри, а до есента 2012 година да се стигне и до конечните 20.000 метри.
Сите живеат во надеж дека геолошките истражувања ќе ги потврдат предвидувањата на геолозите дека тука може да никне профитабилен рудник за бакар.
Марин Александров, доктор на геолошки науки, поранешен главен геолог во рудникот „Саса“, е сигурен дека ќе се утврдат доволни количини на рудни резерви со средна содржина на бакарот од 0,20 проценти, што во услови на цените кои овој метал ги има на светските берзи е гаранција за профитабилно работење.
Голем оптимист е и Николајчо Николов. „Нашите очекувања се дека на овој простор ќе бидат утврдени рудни резерви помеѓу 150 и 250 милиони тони бакарна руда од кои може да се добие помеѓу 300 и 500 илјади тони бакар. Тоа говори дека рудникот ќе може да работи и да го развива пасивното пехчевско подрачје во наредните триесет години“, вели Николов.
Инаку, во новиот рудник кај Пехчево „Солвеј“ е подготвен да инвестира сто милиони евра и да отвори близу 200 работни места што за Пехчево и околината ќе значи нов, голем импулс во вкупниот економски развој и силно ќе влијае на подобрување на социјалната положба на луѓето. Железото остана во јамите
Во Пехчево постојат траги од старо рударење. Од 1960 до 1965 година се вршени истражувања на потенцијалите на железна руда. Благој Ајтарски, долгогодишен директор на РИОМ „Црвена ѕвезда“ (денес „Бомекс“) вели дека тогаш биле утврдени рудни резерви од 8 милиони тони од прва „а“ класа.
„И од Пехчево се гледаат отворените јами од каде што се вадеше рудата, а дел од неа се однесе во скопска железарница за испитување на квалитетот. Сепак, инвестицијата за тоа време беше прескапа и Пехчево не доби рудник. Сега, кога новите технологии се далеку напреднати, можеби треба да се види што е и со железната руда на овој наш простор“, вели Ајтарски. |