Во „Жабени“ ќе се гради млекарница
Инвестиција на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“
БИТОЛА - Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола ќе гради млекарница во индустриската зона „Жабени“. По најавените тринаесет инвестиции, оваа е втора што се обелоденува во јавноста, по германската „Кромберг и Шуберт“. За инвестицијата од странство градоначалникот на Битола дозна преку СМС-порака, а и ЗК „Пелагонија“, за млекарницата сама реши да ги информира локалните медиуми во Битола.
Локалната самоуправа и натаму чува во тајност кои се преостанатите единаесет фирми што ќе инвестираат во „Жабени“. Во меѓувреме, власта се зафати со работа во „Жабени“. Прави пристапни патишта, со цел да им овозможи на инвестито��ите полесен транспорт на градежните материјали за подигање на објектите.
ЗК „Пелагонија“, кој со децении е најголемиот кооперант на битолската млекарница ИМБ, реши да отвори нов преработувачки капацитет во Пелагонија. Според пресметките, новата млекарница ќе чини над два милионаевра, а ќе има место од 25 до 30 нововработени.
„Купивме 12 илјади квадратни метри во новата индустриска зона и веќе добивме имотен лист. Во меѓувреме се работи на елаборат што ќе покаже каква ќе биде исплатливоста од отворањето ваква млекарница“, вели Драги Петровски, директор на ЗК „Пелагонија“ од Битола.
Вратите на новата млекарница барем според првичните планови на инвеститорот, нема да се отворат за индивидуалните сточари од Пелагонија. Таа ќе работи исклучиво со млекото од фармите на комбинатот. Интерните анализи покажале дека Земјоделскиот комбинат се соочува со големи загуби во млекопроизводството и тоа подолг период.
„Нашите пресметки покажаа дека во последните десет години имаме 800 милиони денари загуба. Се надеваме дека негативата ќе се надмине со преработка на млекото. Тоа за нас ќе значи повратно вложување во сточарството зашто производството на млеко се движи од 23 до 25 тони дневно“, смета Петровски.
Млекарницата дневно ќе прима до 50 илјади литри млеко. Општина Битола почна да ги гради пристапните патишта во индустриската зона „Жабени“.
Градоначалникот Владимир Талески рече дека во зоната се градела подземна инфраструктура, атмосферска канализација, водоводна мрежа. „На терен се машините што ги прават првите 650 метра од едната страна на индустриската зона, кои се потребни за инвеститорите. Преку овие патишта тие ќе ги носат материјалите за изградба на фабриките. Очекувам овој дел да биде завршен за рекордно време“, рече Талески.
Почетокот на градбите на новите фабрики во „Жабени“ според општината, се планира за наесен. „Наредната година на ова место ќе ги видиме објектите. Убеден сум дека сите 13 инвеститори што ги купија парцелите дотогаш ќе излезат на виделина. За вториот распишан тендер имам информации дека веќе има пет нови инвеститори што се интересираат за „Жабени“. Очекувам по формирањето на Владата, да се завршат наддавањата“, најави градоначалникот на Битола.
Како што е познато, германската „Кромберг и Шуберт“ во „Жабени“ ќе инвестира 20 милиони евра во фабрика за изработка на кабелски инсталации за производители на автомобили од Европа. Првично најавуваат 400 работни места. (А.Б.) |