Општините и невладините недоволно соработуваат
Катерина Богоева
„За подобар живот на граѓаните, треба да се засили соработката меѓу граѓанските организации, општините и бизнис-заедницата преку конкретни механизми, стратегии и алатки“, посочи Ирена Николов, советничка, координаторка на обуки и проект- координаторка на програмите за транспарентност и отчетност на локалната самоуправа.
Организирана од проектот ТАКСО, финансиран од ЕУ, во соработка со Националниот совет за родова еднаквост, Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој, Конфедерацијата на работодавци и ЗЕЛС, конференцијата претставуваше своевиден форум на кој своите практични искуства и препораки за иднина, ги разменуваа стотина учесници од споменатите три сектори во земјава.
Примерите покажаа дека неопходната комуникација меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации во голема мера е условена од различниот степен на децентрализација на општините. Потоа од нивото на отвореност на општините и градоначалниците кон граѓанските организации, од нивната едуцираност за таквиот вид соработка, но и од честата политизираност на целиот процес. Беше потенцирана потребата од подигнување на нивото на подготвеност и отвореност и на граѓанските организации за запознавање со работата на општините, како и соработка со нив, за реализација и на заеднички проекти финансирани и од европски фондови со повисоки суми на средства.
Беше укажано, меѓу другото, и на недоволно искористената можност, по пат на референдум граѓанските организации да учествуваат во процесите на донесување одлуки, како и на потребата од поголемо вклучување на младите луѓе во процесот на соработката на граѓанските организации со локалната самоуправа. |