Запленети два тона петарди
Најголем дел од петардите беа пронајдени во комбе од Тетово
Вкупно два тона петарди се запленети во неколку акции на Одделението за недозволена трговија при СВР-Скопје во пресрет на Новата година. Кривични пријави се поднесени против А.Х. (46) од Тетово, скопјанецот Р.Ј. (39) и фирмата „Пиротехника Мирновец“ поради недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачи материи.
Како што информираат од МВР, тие го следеле работењето на две фирми поради сомневање дека едната, која има дозвола за увоз на пиротехнички средства, спротивно на законот, продавала поголеми количини на друга фирма, која нема овластување за занимавање со таква дејност. Во неделата претпладне, на булеварот „Србија“ било запрено комбе „форд транзит” со тетовски таблички, сопственост на А.Х., а управувано од Р.Ј. од Скопје. При прегледот на комбето, биле пронајдени и запленети 98 пакети со по 40 кутии петарди. Тетовецот признал дека е сопственик на фирма „Хари компани“ и дека изминатиов месец во два наврата купувал петарди од „Пиротехника Мирновец“ и тоа првиот пат 130, а вториот 100 пакети со петарди, за што приложил и профактура, испратница и повратница.
Веднаш потоа бил извршен претрес во просториите на „Хари компани“ во Тетово, но не биле пронајдени петардите. Полицијата се' уште не го завршила случајот.
Освен за овој случај, полицијата информираше за уште една заплена на петарди и други пиротехнички средства. При рутинска контрола во автомобил „голф“ со италијанска национална ознака, управуван од М.М. (32), од Гостивар на автопатот Гостивар - Тетово биле пронајдени и запленети 10.000 пиратки, 22 големи петарди и 86 светлечки ракети.
„Само во последните две недели, без вчерашните заплени, МВР пронајде и одзеде осумдесетина илјади пиротехнички средства. Вклучувајќи ги и вчерашните заплени, годинава од страна на полицијата се одземени над 250.000 петарди“, соопштија од МВР. (Г.А.) |