Комерцијална банка ќе се докапитализира
Комисијата за хартии од вредност и' одобри на Комерцијална банка да ја емитува шестата емисија на акции по пат на јавна понуда, со која се издаваат 265 илјади обични акции во износ од 927.500.000 денари, или 15 милиони евра. Шестата емисија на акции е поради зголемување на почетниот капитал на банката и обезбедување оптимална адекватност на капиталот во наредниот период. Банката вчера ја објави поканата за запишување и уплата на хартии од вредност во дневен весник, а таа ќе биде објавена и на Интернет-страницата на банката и на Македонска берза. Датумот на почнување на рокот за запишување и за уплата на акциите е 14 календарски дена по објавувањето на поканата за запишување и за уплата на акциите, односно 11 февруари годинава, а рокот завршува на 25 февруари.
Постапката за запишување ќе се врши преку Маке��онска берза, а ќе се спроведе преку нејзините овластени учесници на пазарот на хартии од вредност. Цената по која ќе бидат понудени хартиите од вредност е 3.500 денари за акција.
Инаку, КХВ на вчерашната седница му одобри и на Друштвото за управување со инвестициски фондови „КД фондови“ да ја емитува втората емисија на акции по пат на приватна понуда поради зголемување на основната главнина. Со втората емисија ќе се издадат 19.200 обични акции во износ од 192.000 евра, а акциите се наменети за постојниот акционер, институционален инвеститор „КД Склади“ од Љубљана и за четири нови инвеститори, физички лица. (Ек.Р.) |