Потпишани договори за изградба на уште 12 мали ХЕЦ
Пет компании вчера со Министерството за економија потпишаа договори за изградба на 12 мали хидроцентрали од четвртиот јавен оглас за производство на струја. Договори за концесија за вода потпишаа „ЕМК Мали хидроелектрани“ за 4 локации, „Италијан маседонијан пауер генерејшн“ за 4 локации, „ЕЛ-ТЕ Инженеринг“ за 2 локации, „Хидро еко инженеринг“ за 1 локација и „Норд енерџи“ за 1 локација.
„Дванаесетте хидроцентрали е предвидено да имаат вкупна инсталирана моќ од 13,6 мегавати и годишно производство од 57 гигават-часа струја, а ќе чинат 23,5 милиони евра“, рече министерот за економија, Фатмир Бесими.
Тој посочи дека од најновите договори во буџетот ќе се слеат над 100 милиони денари на име еднократен надоместок за концесија.
Во наредните три години од потпишаните договори треба д�� се реализираат инвестиции во износ од 62 милиона евра, а во буџетот да се слеат 230 милиони денари на име концесии за користење на водите.
„Министерството за економија до крајот на февруари ќе го објави и петтиот оглас за изградба на мали ХЕЦ на кој ќе бидат понудени нови 40 локации со вкупна моќност од 30 мегават-часа. Нема секогаш интерес за сите понудени локации, но и во иднина ќе продолжиме со планираната динамика, трипати годишно да се објавува оглас за 40 локации се' додека не се исцрпат предвидените 400 локации“, појасни Бесими.
Од досега поделените локации, за една локација се добиени сите неопходни дозволи за градба и се очекуваа таа да биде оперативна до крајот на јуни годинава. Од малите ХЕЦ во 2009 година се произведени 168, а лани 249 гигават-часа струја. По изградбата на новите централи, се очекува производството да се зголеми за 80 отсто. (МИА) |