Индустрискиот воз се' уште доцни
Падот на производството во декември, како и во цела 2010 од 4,3 отсто, сигнал дека нема место за многу оптимизам
Соња Маџовска
Падот на индустриското производство во декември минатата година, но и во текот на цела 2010 година е главен сигнал дека се' уште земјава не може да го фати возот на заздравување со европските и со другите светски економии. Дека лани на индустријата лошо и' одеше, покажува и најновата бројка за падот на бројот на вработените од 4,4 отсто во споредба со 2009 година. Според експертите, сето тоа покажува дека нема простор за многу оптимизам, што веќе се чувствува и на Македонската берза.
Очекувано, но и веќе статистички потврдено, индустриското производство минатата година заврши со минус о�� 4,3 отсто во споредба со 2009 година. Освен во јуни и во јули, сите други месеци индустријата заврши во негатива, а најкритични биле февруари, март и септември кога падот достигнувал од 11 до 13 отсто.
Ако подетално се погледнат податоците, ќе се види дека лани најмногу настрадале металната индустрија и издавачката дејност. Таму намалувањето е за дури 55 отсто, односно за 25 отсто.
Компаниите ги сумираат и ги пресметуваат слабите резултати од ланската година, но се надеваат дека годинава, конечно, ќе испливаат.
„Точно е дека лани беше една од најлошите години. Единствено, во четвртиот квартал имаше благо поместување, но со него не може да ги искомпензираме лошите резултати од претходните квартали. Првиот месец од годинава навестува дека ќе биде подобро. Моментно капацитетите работат со 80 проценти. Имаме договори и за февруари и за март. Да видиме какви ќе бидат ефектите. Цените на металите растат на берзите. Очекуваме да се стабилизираат состојбите и годинава да биде помирна“, вели Александар Панов, директор на „Макстил“.
За аналитичарите, последните статистички податоци го уриваат оптимизмот што започна да се шири од почетокот на годинава.
„Овие податоци не се добри и не охрабруваат. Тоа значи дека се' уште земјава не може да го фати возот со растот на другите економии во светот. Ова е прв сигнал дека и годинава тешко ќе се оствари растот што го проектираше Владата од над 3 проценти. Факт е дека во економијата има тешка контракција на побарувачката, и на јавната и на приватната. Но, не само домашната побарувачка, падот на индустријата покажува дека и странските партнери ја немаат саканата побарувачка. Ова е прв сигнал дека треба да бидеме претпазливи и дека нема место за посериозен оптимизам што веќе се чувствува и на Македонската берза. Можеби овие податоци ќе го смират пазарот“, вели професорот Зоран Ивановски.
И бизнисмените и експертите се согласни дека веќе и не е толку важно дали растот на економијата ќе биде околу 1 отсто или малку повисок, бидејќи и онака никој не го чувствува. Тие сметаат дека на македонското стопанство му е потребно многу повеќе, најмалку 4 до 5 отсто раст ако сакаме значајни резултати. |