Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп Саботен магазин
Коментари
03.02.2012, 17:23

Повеќекратна Америка

Бледо е, бледо

Велибор Педевски


специјално од Њујорк

Меморијалот за неодамна починатиот легендарен џез-тапанар Paul Motian, одржан во најславниот све��ски клуб The Village Vanguard докажа дека музичкиот израз на минатиот век го има загубено чекорот со денешниот свет

Долгиот и забрзан чекор е директен одговор на здодевниот, инсистирачки есенски дожд. Да, некој си ноември 1996. Точките А и Б во вечерните часови од тој период најчесто беа: дома (midtown) и The Knitting Factory, оној кога беше лоциран на улицата Leonard, во TriBeCa. На половина пат од дестинацијата, точно на аголот од University Place и 11. улица во вирот што се беше создал под небесната канонада безгрижно плови банкнота. Човечкиот инстинкт досега поинакво ниво кога се работи за препознавање на обликот на парите. Разумот шепоти во мракот: „Точно е, мора да се пари, но не се твои, затоа продолжи да трчаш и заборави на нив. Можеби сопственикот ќе си ги најде“. Инстинктот и овој пат победува. Банкнота од 50 долари не се наоѓа на улица секој ден. Можеби никогаш.

И вирот и ненадејниот „подарок“ се лоцирани точно пред влезот на духовниот епицентар на њујоршкиот бурен и за многумина мистериозен ноќен „џез“ живот, клубот Bradley’s. Од 1969 па се' до можеби еден месец пред оваа случка, тој пијано-бар им беше дом на апсолутно најголемите фигури на џез музиката, но и место каде што „ноќните птици“ во 4-5 часот наутро можеа не само да го слушнат третиот сет на Hank Jones, Tommy Flanagan, Kirk Lightsey, John Hicks, Chuco Valdez и многу други нивни колеги од највисокиот ешелон, туку и на шанкот да разменат по некој збор или пијачка со Cecil Taylor, Art Blackey или Arthur Blythe. Ја спасувам кутрата банкнота од давење и мојот џеп станува нејзиниот нов дом. Кревам глава и призорот е невистинит, надреален, како да е оттргнат од светот на David Lynch: наместо името Bradley’s од внатре притаено светка неонскиот натпис „Резервоар“. Шанкот и натаму е шанк, но таму каде што погледот обично го бара славното пијано, подарок на клубот од легендарниот саксофонист Paul Desmond, сега стои маса за билијард. Притисната од ураганот на сметки и долгови, вдовицата на Bradley Cunningham, кој беше починал осум години порано, конечно капитулираше и со затворањето на главната артерија на њујоршкиот џез како да ја предвиде апокалиптичката иднина на автентичниот музички израз на дваесеттиот век. Во период од само неколку години тој свет почна да исчезнува со брзина од која запира здивот. Заминуванјето на Bradley’s со себе носеше симболична порака: „Ова е крај на стариот начин на живот и крај на стариот начин на водење бизнис, онаков каков што во предвечерјето на новиот милениум стана невозможен во изменетиот Њујорк“.

Пред две недели чудна околност ме одведе во најстариот и најреномиран џујоршки храм на џез-музиката, The Village Vanguard. Ако некој мисли дека Bradley’s е стар (1969 до 1996), тогаш каква е етикетата што би му се ставила на место што е отворено во 1935 и се' уште егзистира со истата намена, место во кое има толку многу историја што е тешко дури и да се објасни. Ѕидовите на клубот се покриени со фотографии на великаните на импровизираната музика, од Dizzy Gillespie, преку Miles Davis, Charles Mingus, Bill Evans, Dexter Gordon, Monk … Не се ни сеќавам кога последен пат сум бил во храмот на џезот.

Програмската ориентација на клубот, за жал креирана од неговата сопственичка, Lauraine Gordon, вдовицата на Max Gordon, долго ме одбива од посетата на акустички убедливо најдобриот, а воедно и најинтимен простор во Њујорк, а тоа секако значи и „во светот“. Но, поводот беше поинаков: меморијалот за неодамна починатиот легендарен тапанар Paul Motian, кој последните години клубот го имаше заменето за Европа. The Village Vanguard стана неговата Европа и оние што имаа чест толку многу пати од другата страна на океанот да се восхитуваат од неконвенционалниот, речиси дадаистички пристап кон инструментот на Motian, во последните години од неговиот живот единствено можеа да го слуснат овде, во местото каде што таму некаде во далечната 1959 за прв пат се најде на малата бина во клубот како член на она незаборавно трио на пијанистот Bill Evans. Додека во попладневните часови повиканите гости полека се симнуваа низ скалите што од улицата низ која струи 21 век водат длабоко под земја до светот што очигледно денес само вештачки опстојува, погледот запре врз црно-белата фотографија на која во легендарната „кујна“во клубот седат Bill Evans, Paul Motian и феноменалниот басист на триото, Scott LaFaro (кој набрзо потоа ќе загине во сообраќајна несреќа).

Организиран од ECM, реномираната германска дискографска куќа, што на свој начин со децении беше поинаков дом за музиката на Мотиан, меморијалот се покажа како апсолутно фијаско, срамота како за ЕЦМ, така и за клубот сто толку многу се грижесе за уметничкиот израз на Motian. Меморијалите знаеле да бидат мини џез фестивали во Њујорк, еднодневни музички настани што со човек остануваат додека е жив. Но, изгледа дека времињата навистина се неповратно сменети кога на меморијалот на еден великан каков сто е Motian музичката активност е сведена на соло пијано настап на Masabumi Kikuchi и 20-минутниот дует на Joe Lovano и Bill Frisell, долгогодишните соработници на Motian во триото што тројцата го беа оформиле пред речиси три децении. И откако вџашеноста од фактот дека меморијалот заврши само што беше започнал полека се претвораше во сурова реалност, искачувањето на истите оние скали и досегањето на уличното ниво уште еднаш на уште посуров начин опоменуваше дека она што денес се случува на улиците нема апсолутно никаква врска со музиката што одамна го загубила чекорот со модерниот начин на живот.


Статијата е прочитана 767 пати.

Испрати коментар



Роман на годината
Трајче Кацаров утре ќе ја добие наградата „Григор Прличев“ во Охрид
МАНУ му остана морално должна на Дрнков
3-Д во Скопје со филм на Вим Вендерс

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

"""

  


Site Meter


Најнови вести
Време
Скопје, -8°C

Облачно

Среда
Делумно облачно
Макс: -4°C, Мин: -14°C

Четврток
Ведро
Макс: -2°C, Мин: -12°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп | Саботен магазин |