Општина Карпош ќе продава стари возила за да купи нови
Јакимовски се вози во „пежо 307“ во кое се возеше и неговиот претходник Саша Димиќ, кој, пак, го доби во наследство од Андреј Петров
Општинарите од Карпош наскоро ќе се возат во четири нови автомобили. Мнозинството од општинскиот Совет му дозволи на градоначалникот Стевчо Јакимовски да го обнови возниот парк со средства обезбедени од буџетот и од продажба на две стари општински возила. Во план е да се купат четири нови автомобили, три за потребите на општинските служби, а едно ќе биде наменето за градоначалникот. Општината ќе купи и едно товарно возило за транспорт на машините за чистење и уредување на зеленилото.
Иницијативата за обновување на возниот парк е на Јакимовски, бидејќи, според него, постојниот е во катастрофална состојба. Службите имаат на располагање само две возила, едно „југо корал“ старо 20 години и еден „голф“ стар 15 години, а речиси секој месец тие мора да се сервисираат. Градоначалникот, пак, сега се вози во „пежо 307“, кое има поминато 130.000 километри.
„Јакимовски е висок и сегашното возило не е удобно за него. Градоначалникот не е Боки 13, па да се вози во зелено металик возило, што свети и блеска. Не личи ваков автомобил за првиот човек на општината, тој не' претставува и надвор од земјава“, смета независниот советникот Ранко Петровиќ.
Борис Аговски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека општината не треба да купува возила во време на економска криза.
„Овие возила не ги купувам за мене, туку за потребите на општината. Не е убаво кога ќе дојде некоја странка и треба заедно да одиме на терен на 40 степени, да се препотува во автомобилите или на половина пат тие да се расипуваат. Секоја година даваме 350.000 денари за поправки. Со овие пари за четири години се купуваат нови автомобили“, коментира градоначалникот. (Дс.Т.) |