Има недостиг од нови градинки, општините немаат пари да градат
Нови капацитети за градинки се бараат во сите општини, а најмногу во Аеродром и во Кисела Вода
Снежана Калабакова
Згрижувањето на најмладите во предучилишните установи е потреба на секое младо семејство, а во последниве неколку години во општините евидентни се бројни барањата на граѓаните за отворање нови капацитети. Така е во Ѓорче Петров, Карпош, Чаир, Гази Баба, а особено во општините Аеродром и Кисела Вода, каде што има голем број новоизградени станбени објекти во кои живеат млади брачни двојки.
„Се соочив со сериозен проблем кога дојде ред да го запишам детето во градинка, бидејќи во најблиската немаше место, а другата е прилично далеку од мојот стан. Дури и таа градинка беше со полн капацитет, па едвај успеав да го запишам детето. Несфатливо е како е можно покрај толку нови згради во Расадник да не се изгради и една нова градинка, бидејќи 90 проценти од жителите на населбата се брачни парови со мали деца. Тоа е навистина голем проблем“, вели Даниела Тодоровска, жителка на Расадник во Кисела Вода.
За жал, нови градинки одамна не се изградиле во Скопје, а потребата се решава со просторно проширување преку преадаптација на други објекти, како клонови кон постојните градинки. Осамен пример за изградба на нова градинка е оној на општината Илинден. Таму се гради нов објект на предучилишна установа „Гоце Делчев“, кој до Нова година треба да ги прими и првите деца.
„Аеродром е млада општина и навистина има потреба од нови градинки. На оваа тема веќе разговаравме со Министерството за труд и социјална политика и до 2010 година треба да изградиме нова градинка во Реонски центар во близина на поштата. Станува збор за голем објект кој ќе има капацитет за околу 600 деца. Проектот за оваа градинка е готов, а средствата ќе ги обезбедиме во договор со Министерството“, вели Ивица Коневски, градоначалник на општина Аеродром.
Од Министерството за труд и социјална политика потврдија оти во Аеродром ќе се гради нова градинка и велат дека една веќе се гради и во Волково, општина Карпош. Објаснуваат дека планирано е просторно проширување и на градинките во општина Кисела Вода. Проширување на капацитетите побарале и градинките „8 Март“ и „Весели цветови“.
Парите се основна причина зошто не се градат нови градинки. Од Министерството за труд и социјална политика им даваат поддршка на општините, кои со децентрализацијата, покрај обврската да ги преземат постојните градинки, обезбедуваат средства и за евентуално отворање нови. Нивна обврска во оваа фаза е да ги префрлаат блок-дотациите, односно средствата за плати, за трошоци за придонеси на вработените, капитални проекти, поправки, греење... Но, ќе ги поддржат и градоначалниците, кои успешно ќе менаџираат и ќе склучат договори со стопанственици што сакаат да инвестираат во отворање приватни градинки.
„Локалните самоуправи со децентрализацијата имаат сериозна обврска во преземањето на социјално-заштитната функција на локално ниво, а во тој дел и детската заштита, заштитата на стари лица, деца на улица... Поради голема концентрација на помлада популација во главниот град, особено во новите и поелитни населби, станува се' поактуелна потребата од отворање нови градинки“, вели Душко Миновски, државен секретар во Министерството за труд и социјална работа.
Од 2006 година наваму не е отворена ниту една нова градинка, а потребата од нови капацитети станува се' поактуелна, како и вработувањето нов кадар. Законски е одредено со шест до осум деца на возраст до една година да работи една воспитувачка, како и со осум до десет деца до 18 месеци. Една воспитувачка може да чува десет до дванаесет деца на двегодишна возраст, или на возраст од две до три години од 12 до 15 деца. За малку постарите, до возраст од четири години, една воспитувачка може да биде ангажирана за 25 деца.
|