Прилепскиот театар во културен поход низ Македонија
Реконструкцијата на објектот на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ не е пречка за интензивна активност на прилепскиот ансамбл кој според репертоарот ќе реализира серија гостувања низ земјава.
Утре врвното остварување на театарот, претставата „Тапани во ноќта“ ќе гостува на кумановската сцена во рамките на манифестацијата ,, Кумановско културно лето, а на 4-ти и 7-ми септември со комедијата „Јане Задрогаз“ прилепските театарџии ќе гостуваат во Демир Хисар и Кавадарци.
Со најновиот проект претставата „Крпен живот“ прилепскиот театар ќе настапи пред скопската публика во сабота, кога љубителите на оваа уметност ќе можат да уживаат во наградените актерски остварувања на Јасмина Мицоска-Станкоска, Наташа Наумоска, Марија Спиркоса-Илијески, Даниела Стојковска и Катерина Чакмакоска. Тие се добитници на наградите „Златна маска“ на годинешното Охридско лето. Прилепскиот театар ја има честа со претставата „Тапани во нокта“ да го отвори 17-иот Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица на 8-ми септември, а во рамките на манифестацијата, наредниот ден во официјална конкуренција ќе конкурира за престижните награди со претставата „Таму каде што не сум бил“.
Според информациите, со оглед на скратениот буџет од Министерството за култура нема да се подготвува ,, Тартиф, а единствена премиера годинава ќе биде на детската претстава ,,Малиот принц,“. (М.Т.)