Џузепе Торнаторе го отвора Венецискиот фестивал

За „Златен лав“ ќе се борат дури шест американски филма, по четири од Италија и Франција и ниеден од Југоисточна Европа
Сунчица Уневска
Утре на прекрасниот остров Лидо по 66. пат ќе се отвори Венецискиот филмски фестивал, кој ќе трае до 12 септември. Честа да го отвори фестивалот му припадна на италијанскиот режисер Џузепе Торнаторе, чиј филм „Баарија“ се смета за една од најскапите продукции во оваа земја во поново време. Интересно е дека Торнаторе е првиот италијански режисер, кој ја отвора годинешната Мостра после цели две декади. Инаку, Торнаторе и' е познат на публиката во светот по своите два исклучителни филма, „Синема парадизо“, кој иако од 1988 се смета за еден од филмските класици и поновиот голем хит „Малена“, со Моника Белучи.
Торнаторе во Венеција беше во 1995 година со филмот „Создавач на ѕвезди“, со кој ја освои Специјалната награда на жирито. „Баарија“ иако го отвора фестивалот, сепак, е вклучен во конкуренција. Баарија, како што вели самиот автор, означува древен звук, магична формула, клуч, со кој единствено може да се отвори старата кутија во која се крие значењето во филмот. Ова остварување авторот го опишува како приказна на големи љубови и неодоливи утописки соништа. Но, како што објаснува Торнаторе, тоа е и име на еден град на Сицилија, во кој животот на луѓето се одвива речиси на една улица, на некои стотина метри, како што вели, ни повеќе ни помалку. „Но, она што можете да го научите овде, шетајќи по таа улица со години, не може да ве научи целиот свет“, додава тој.
Во главна конкуренција годинава се 24 филма. Но, она што е необично, а можеби е и формулата по која продолжува Венецискиот фестивал, е дека во неа се вклучени најмногу американски, италијански и француски остварувања. Оваа година многу малку од Европа, а ниту едно од Југоисточна Европа. Италија и Франција имаат по четири филма, а Америка дури шест. Со по еден филм се застапени и Израел, Египет, Јапонија, Кина, Тајван, Шри Ланка, а од Европа само Германија со два и еден од Австрија. Познатите автори очигледно се тренд на сите големи фестивали, само што Кан и Берлин, сепак, годинава земаа голем број од нив, па на Венеција и не и остана голем избор. Што сигурно не мора да значи дека фестивалот ќе изгуби, напротив.
Со нови филмови на Лидо доаѓаат германско-турскиот режисер Фатих Акин, но овој пат со комедијата „Душата на кујната“, потоа францускиот режисер Патрис Шеро со „Прогонување“, во кој игра Шарлот Гензбург, па уште еден француски ветеран Жак Ривет, чиј филм „36 погледи на врвот на Сен-Луп�� ќе ја донесе и мајката на Гензбург, познатата убавица Џејн Биркин. Во конкуренција е вклучен и провокативниот американски режисер Мајкл Мур со документарецот „Капитализам: љубовна приказна“. Овде Мур се занимава со уништувачкото влијание на обичниот американски народ на големите и моќни корпорации.
Познатиот германски режисер Вернер Херцог доаѓа со американска продукција насловена „Лошиот поручник“, во кој играат: Николас Кејџ, Ева Мендес и Вал Килмер. Голем број холивудски ѕвезди ќе дојдат на Лидо и со филмот на Џон Холкоут „Пат“, направен според истоимениот роман на Кормак Мек Карти, добитник на Пулицерова награда. Во „Пат“ играат: Виго Мортенсен, Чарлиз Терон, Роберт Дивал и Гај Пирс. Овој пат во конкуренција е и независното американско име Тед Солонц, во чиј филм „Живот за време на војната“ игра француската дива Шарлота Ремплинг.
Претседател на жирито на 66 Мостра е двојниот добитник на „Златен лав“, тајванскиот режисер Анг Ли. Ли го освои „Лавот“ во Венеција во 2005 со „Кршенгрб Планина“ и во 2007 со „Страст, внимание“. Заедно со Ли, членови на седумчленото жири се: француската актерка Сандрин Бонер, големиот руски автор Сергеј Бодров, потоа режисерите Лилијана Кавани од Италија, Џо Данте од САД и Анураг Кашуап од Индија, како и клучната фигура на италијанската поп-култура, Лучано Лигабуе.
Добитник на „Златен лав“ за животно дело годинава се аниматорите од „Дизни/Пиксар“ и Џон Леситер. Но, она што е интересно е дека добитниците на наградата ќе ги презентира самиот Џорџ Лукас, кој за првпат доаѓа во Венеција. Инаку, годинава за првпат ќе се додели и новата награда „Персол 3-Д“ за најдобар филм во 3-Д технологија, продуциран во Италија.
Специјален гостин ќе биде и Силвестер Сталоне, кој ќе ја прими наградата „Jaeger-Le Coultre Glory“, што се доделува на уметник кој оставил белег во современиот филм. Необично е дека Сталоне оваа награда ја добива по такви режисери, како Такеши Китано, Ањерс Варда и Абас Кијаростами. А во рамките на честа, потсетувањето и преоткривањето на големите автори, во Венеција ќе се одбележи и 100-годишнината од раѓањето на големиот јапонски автор Акира Куросава, по чиј повод ќе се одржи голема интернационална панел дискусија. Бидејќи, неговото наследство, дефинитивно, му припаѓа на светот. |