Македонските политичари навлечени на „Фејсбук“
Социјалната мрежа се' повеќе се користи за стекнување виртуелни гласачи и за пласирање политички ставови
Александра М. Митевска
„Купете си пријател на ’Фејсбук‘“. Со ваква неверојатна понуда излезе една компанија од Загреб во екот на претседателските избори во Хрватска, кон крајот на минатата година. На претседателските кандидати, кои значително ги користеа социјалните мрежи во текот на кампањата, им се нудело да го зголемат бројот на поддржувачи со тоа што секој нов „фејс-пријател“ би ги чинел по пет куни плус ДДВ.
Македонските политичари, пак, засега се чини немаат потреба да ангажираат посебни компании за стекнување повеќе пријатели на социјалните мрежи. Не само затоа што во моментов нема избори, туку и поради тоа што повеќето од нив имаат свои профили на ФБ и може да се пофалат со голем број пријатели, што најчесто кликнуваат „ми се допаѓа“ на сликите, статусите и постовите што ги објавува политичарот. Секако, има и поинакви искуства, со лажни профили или кога политичарот добива критики, па и закани за одредени ставови изнесени во јавноста или постирани на ФБ, но тоа е цената на виртуелните пријателства.
Вицепремиерот Абдулаким Адеми деновиве ја разбранува јавноста кога на профилот на ФБ, место своја фотографија, објави амблем на УЧК. Од неговиот кабинет вчера појаснија дека станува збор за приватна работа, но и дека некој друг ја одржува страницата на Адеми, бидејќи тој бил презафатен со обврските во Владата и во партијата. Според соработници на вицепремиерот, амблемот бил поставен на профилот на „Фејсбук“ по повод годишнината од настаните во Слупчане, каде што беше инволвирана ОНА, која, пак „како фактор на стабилноста и просперитетот на Македонија, сега е преточена во ДУИ“. Сепак, на профилот на Адеми вчера стоеше слика од албанското знаме, а амблемот на ОНА „влезе“ во еден од неговите албуми.
Пратеничката на ДУИ Ермира Мехмети, пак, веќе не е дел од ФБ-манијата. Таа пред неколку месеци го деактивирала својот профил, поради навредливите пораки што ги добивала.
„Имав профил на ’Фејсбук‘ уште кога студирав во Лондон во 2005 година, тогаш се појави. Го деактивирав пред извесно време, затоа што ФБ ја изгуби првичната намена и од социјална мрежа на пријатели и пријателства стана портал преку кој секојдневно ми пристигнуваа пораки со навредлива содржина. Освен тоа, се покажа дека преку оваа мрежа многу лесно се злоупотребуваат приватноста и личните податоци“, вели пратеничката Мехмети. Таа додава дека и без ФБ одржува контакт со вистинските пријатели.
Потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули, пак, има повеќе позитивни, отколку негативни искуства од користењето на ФБ. Тој вели дека социјалните мрежи се дел и од модерната политичка комуникација со граѓаните. Според Макрадули, позитивна страна на овие мрежи е што преку нив може да се отвори дебата за одредено политичко прашање и да се стават на оценување некоја политика, закон или одлука, за да се види во кој правец натежнува јавното мислење.
„За жал, најчесто го користам ФБ за пренесување на моите политички ставови, а поретко за приватна комуникација, бидејќи сите ние сме преокупирани со политика“, раскажува Макрадули. Тој има над 3.000 пријатели на ФБ, меѓу кои може да ��е најдат и негови политички неистомисленици, иако, како што вели, тие биле помалку.
Комуниколозите посочуваат дека предност на ФБ е што може да ги упати во политичките случувања младите луѓе, кои, всушност, не се многу заинтересирани за политичките случувања во земјата. За младите, чиј глас ретко каде се слуша, ова е можност отворено да ги изразуваат своите размислувања. Во тој контекст, Макрадули посочува дека тенденција во ЕУ е да се намалат годините за стекнување право на глас на 16, така што и можностите што ги нуди ФБ се во таа насока.
Според експертите, социјалните мрежи стануваат неодминлив дел од политичката комуникација и најмасовно се користат за време на избори, иако „виртуелните кампањи“ може да бидат одлучувачки само во случаи кога главните политички конкуренти се во тесна разлика. Сепак, најдобри резултати се постигнуваат ако он-лајн активностите се преточуваат и во традиционалните медиуми.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во „Фејсбук“-заедницата важи за еден од најактивните корисници на социјалната мрежа. На профилот на Милошоски, кој има речиси 5.000 пријатели, се објавуваат неговите интервјуа, како и фотографии и информации за речиси сите негови активности и средби со странски државници. Кон бројката од 5.000 пријатели се доближува и пратеничката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, која, сепак, поретко го користи ФБ за објавување политички ставови, а од службените фотографии на нејзиниот профил има само албум од седници на Националниот совет за евроинтеграции, со кој таа раководи. Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски има околу 4,5 илјади пријатели на ФБ, но и тој многу ретко го користи овој медиум за промовирање политички ставови.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, немаат лични профили под нивно име на ФБ, но затоа има групи за нивна поддршка. Таквите групи, всушност, се попопуларни од самите профили и нив, главно, ги формираат симпатизери или противници на одредена политика.
Владиниот портпарол Шефик Дураку пред извесно време беше мета на јавноста, кога се зачлени во групата ФБ, која се залага за референдум за обединување на Албанците. Духовите неодамна ги разбранува и советникот за односи со јавноста на шефот на државата, Цветин Чилиманов, зачленувајќи се во групата „Чие име ќе менувате грчки гниди“. Неговиот колега од Центарот за управување со кризи, Мишко Талески, пак, беше член на групата за борба против исламизацијата во Македонија. |