Гејтс и натаму најбогат Американец
Њујорк - Бил Гејтс, основачот на „Мајкрософт“, веќе 17 година е на врвот на листата на „Форбс“ на најбогати Американци, со богатство од 54 милијарди долари, или четири милијарди повеќе отколку минатата година.
На второ место на традиционалната класификација на списанието е инвеститорот Ворен Бафет со 45 милијарди долари, односно пет милијарди повеќе од лани. Трет е основачот на „Оракл“, Лари Елисон, чие богатство се проценува на 27 милијарди долари. Кристо Волтон, еден од наследниците на „Волмарт“, е на четврто место, со 24 милијарди долари.
За разлика од 2009 година, магнатите на списокот на „Форбс 400“ сега располагаат со повеќе средства отколку пред една година. Само 84 милијардери изгубиле дел од богатството, додека минатата година „жртва“ на таа тенденција биле 314 богатници од вклучените на листата.
Луѓето од првите десет позиции добиле вкупно 24,9 милијарди долари на своите сметки. Минатата година, пак, таа група изгуби вкупно 40 милијарди долари. Во таканаречените топ-10 нема нови лица, туку само извесни поместувања.
Инаку, највозрасниот на списокот на „Форбс“ е Дејвид Рокфелер, со 2,4 милијарди долари богатство, додека најмладиот е 26-годишниот Марк Зукерберг, кој е на 35. место. Тој и' е добро познат на јавноста како основач на „Фејсбук“, а неговото богатство тежи 6,9 милијарди долари. Опра Винфри е на 130. место и е една од 42 жени што се на списокот. (Ек.Р.) |