Регулаторна добива засилени надлежности
Регулаторната комисија за енергетика е подготвена да ги прифати засилените надлежности што и' се даваат со новиот закон за енергетика. Првиот човек на РКЕ, Димитар Петров, вчера ги тешеше компаниите да не стравуваат дека ќе ги стави тоа во понеповолна ситуација. Новиот Предлог-закон за енергетика моментно е во собраниска процедура.
„Очигледни се коментарите дека со новиот Предлог-закон за енергетика во голем дел ќе се зголемат надлежностите на РКЕ и присутен е страв поради тоа. Подготвени сме да ги прифатиме зголемените надлежности и нема потреба од стравување на компаниите дека ќе имаат понеповолни ситуации од досегашната работа по актуелниот закон“, изјави Петров, одговарајќи на прашање на вчерашната Работилница во рамките на твининг-проектот за зголемување на капацитетите на РКЕ што се спроведува со австриска помош.
Тој смета дека новите законски одредби ја гарантираат и продлабочуваат независноста во работењето на РКЕ и го елиминираат влијанието на извршната власт во донесувањето на одлуките на регулаторот. „Во посебно поглавје во законот е дефиниран начинот на кој се врши избор на членови на РКЕ, а со зголемувањето на ингеренциите на Комисијата се зајакнува и независноста на регулаторното тело“, рече Петров.
Прашан дали во новото законско решение е предвидена заштита на потрошувачите и насоки каде тие треба да ја побараат, Петров рече дека и во новиот, како и во постојниот Закон за енергетика, заштитата на потрошувачите била дефинирана како една од главните обврски на РКЕ. „Во новиот закон е унапредена заштитата на потрошувачите, иако со донесувањето на Правилникот за разрешување спорови настанати помеѓу компаниите, како и помеѓу корисниците на одредени енергетски услуги и компаниите дури и во постојниот закон успешно ги разрешуваме настанатите спорови. Се' што беше досега дефинирано е унапредено во новиот закон, а останува и обврската на РКЕ да ги продлабочи можностите за заштита на потрошувачите“, рече Петров.
Генералниот директор на австриското регулаторно тело „Е-контрол“, кое е институционален партнер на РКЕ во твининг-проектот, Валтер Болц истакна дека не е ништо невообичаено што се зголемуваат ингеренциите на РКЕ со новиот закон за енергетика и додаде оти тоа е дел од третиот пакет за либерализација на енергетскиот пазар. (Ек.Р.) |