Цел ден аргатите копаат за 200 денари
Дневница од 200 до 400 денари добиваат аргатите, кои можат цел ден да ги копаат нивите на лицата што ги најмуваат. Само толку пари плаќаат најголем дел од домашните компании, кои повремено ги користат услугите на сезонските работници. Тие се ангажираат, работат, но не се пријавуваат, а државата нема контрола колку луѓе се вработени сезонски, дали се плаќаат придонеси и дали добиваат пари откако ќе ја завршат работната задача. „Сега целата маса луѓе е префрлена во Тиквешкиот регион каде што има берба на грозје. Прашање е што ќе се случи сега, државата колку ќе има приход од тие вработувања и дали тие ќе бидат регулирани во реалната економија или повторно ќе функционираат на основи што директно влијаат на сивата економија“, изјави Миле Бошков, Конфедерација на работодавци.
Иако постои законска форма за регулирање на статусот на сезонските работници преку агенциите за привремено вработуваaње, компаниите се соочуваат со проблеми.
„Не можеме да најдеме соодветно решение, добар дел од тие работници се пензионери или корисници на социјална помош, ако ги пријавиме ќе ги изгубат другите бенефиции и затоа се соочуваме со проблем да најмиме такви лица за нашите потреби. Треба да се поедностават работите за правата на тие работници, бидејќи ако пет дена работи, а ги изгуби бенефициите јасно е дека нема да сака да работи“, вели Ристо Николовски, од кланица „Кланекс“ од Прилеп.
Во земјава има од 20 до 30 илјади сезонски работници. Голем дел од овие работници своето парче леб го бараат и во други држави. (А.С.) |