ЗЛАТНА БУБАМАРА
Вечер посветена на најдобрите во 2008 година
На манифестацијата изостанаа гостите однадвор, но забавата со домашните ѕвезди помина во одлична атмосфера
Ивона Саздовска
Во средата навечер, во Универзална сала во Скопје се одржа 12. „Златна бубамара на популарноста“ за најдобрите во изминатата 2008 година.
Традиционално, како и секоја година, на едно место можеа да се видат сите естрадни, актерски, телевизиски и радиоимиња, кои на свој начин успеаја да се изборат за добивање на златната статуета.
Симпатичниот водител Сашко Коцев во старт најави добра забава, хумор и музика за сите „млади пензионери“, „даночни обврзници“ и „пратеници од власта и опозицијата“.
Манифестацијата стандардно ја отворија малите суперѕвездички, кај кои и отиде првата награда за најпопуларна детска телевизиска емисија „Суперѕвезда“, која ја прими авторот и водител Дарко Мијалковски.
Криениот адут, изненадување за публиката, беше Индиецот Ишан Саксена, кој ја отсвири на пијано песната „Билјана платно белеше“.
Групата „Некст тајм“, која годинава ќе ги брани боите на Македонија на Евровизија во Москва, ја доби наградата за најперспективна група за 2008 година. Публиката веројатно очекуваше да го слушне евровизискиот хит, но Стефан и Мартин пријатно ги изненадија присутните со изведување на познатата италијанска песна „Италијана“.
Нивниот музички колега Александар Белов беше особено возбуден при добивањето на наградата за откритие на годината, па застанат пред микрофонот и' посвети едноминутна песна на златната статуета, која скромно кажа дека ја сонувал единаесет години.
Што се однесува до наградите за радиоемисии, колегијално им беа поделени награди и на Антена 5 и на Сити радио. Водителката Ана Шутиновска ја доби наградата за најпопуларна радиоемисија „Утринско возење“ на Антена 5, додека наградата за најпопуларен радиоводител отиде во рацете на Виктор Петров-Викса, кој симпатично изјави дека поради неговите утрински обврски, не стигнува да ја слуша Ана.
По блокот награди, следуваа минути за актерскиот перформанс на Коцев, кој и овој пат ја насмеа публиката и во одличен елемент успеа да им испрати порака на сите политичари, балансирајќи на сите страни.
Наградата за најдобра реклама замина во рацете на битолската Млекарница – за „бимилк“, додека најдобра маркетинг-агенција беше прогласена „Публицис“.
Оперската дива Весна Гиновска-Илкова ја имаше честа да ја прогласи најдобрата претстава за 2008 година, која ја доби балетот „Лебедово езеро“.
Изведбата на хитовите на групата АББА од страна на Дани и Тамара успеа да ја потсети публиката на старите добри времиња, за што добија заслужен силен аплауз.
Следуваше доделувањето на наградата за најчитана страница, која отиде во рацете на уредникот на „Вест“, Горан Михајловски, за рубриката „Сакам да кажам“, додека екипата на „А1 ексклузив“ ја доби наградата за најдобра телевизиска емисија. Иста награда добија и емисиите „Зајди, зајди“, која се емитува на Алфа ТВ, потоа „Зевзекманија“ на Канал 5 и „Бекстејџ“ на Сител.
Од спортските награди, сосема очекувано, за спортист на годината беше прогласен Кире Лазаров, додека мобилниот оператор ВИП ги однесе наградите за најголем поддржувач на спортот и за кампања на годината.
Оливер Митковски и Јелена Јованова ги добија наградите за најдобар актер и актерка за 2008 година, додека наградата за хит на годината и видеозапис доби песната „My little one“ на Тоше Проески и неговиот внук Кристијан, кој излезе на сцената да ја прими наградата. „Жал ми е што вујко ми не е тука за да ја прими наградата. Ви благодарам од негово име“, изјави Кристијан.
Продуцентот Мите Димовски ги собра наградите за албум на годината „Македонски рози“ и продуцент за 2008 година, додека за најдобар телевизиски проект беше прогласена емисијата „Храна и вино“.
Наградата за животно дело му беше доделена на врвниот музичар Гарабет Тавитјан-Гаро, додека неговите синови Дики и Гаро јуниор ја добија наградата за концерт на годината.
Пријатно изненадување за самиот крај беше перформансот на „А, бре, Македонче“, додека и хорот „Кочо Рацин“ заедно со актерот Влатко Лазевски ја изведе пародијата на познатата евровизиска песна на Тото Котуњо „Инсиеме“.
За разлика од минатите години, овој пат изостанаа наградите за најпопуларен пејач и пејачка на годината, но веројатно никој и не го забележа тоа премногу, зашто забавата беше одлична.
Иако изминатите години бевме навикнати на сцената да видиме и некој од ексклузивните гости од бившите ЈУ-простори, оваа година Ранко се одлучи за домашна забава, со што докажа дека и нашите ѕвезди умеат да направат одлична забава за сите. |