МАГАЗИН
Се` помалку гласови го одбираат победникот
Во 2005 година, за Пилева и за Вучиќ се собраа 71.000 гласови, а на финалето за сите изведувачи вкупно 27.873
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Веќе ништо не е како порано. Пред пет години трачевите околу „Евросонг“во првите две недели фаќаа замав, а потоа клопчето се размотуваше. Се фрлаше со дрвја и камења по жирито, се откриваа плагијат-рефрени, се одржуваа пресови, се организираа дебати... Ништо од тоа. Секој си гледа во своето дворче и она спортско навивање во Универзална сала може да се нарече само - празнење. Денес луѓето ниту во последната фиока од својата меморија не се занимаваат со Евровизија. Нивните музички фестивали се „кркорење на цревата“ и композициите на умот.
„Ако немате леб - јадете слатки“, велеше Кралот на сонцето, а таа константа во оваа финансиска ситуација и непријатните приказни за иднината веќе не е пристојно ниту да се цитира.
Колку навистина е опаднат интересот на луѓето за овој фестивал кажуваат и бројките. Еве ја паралелата. Победникот „Некст тајм“ освои максимален број гласови, што во превод би значело 4.176, второпласираните Калиопи и Наум - 3.055 и списокот така оди до Верче Пандиловска, која освои 108 гласа.
Не така одамна, во 2005 година, кога во истата приказна војуваа Мартин Вучиќ и Александра Пилева, цифрите беа огромни - преку телевоутинг гласаа 53.000 (за Пилева) и 18.000 (за Вучиќ), или во превод 48.000 гласа повеќе од годинешните. Ова издание на „Евросонг“ брои вкупно 27.873 гласа, што отвора дилема и ја потврдува тезата дека и интересот и финансиите ни се скусени.
Универзална сала ја памети спортската атмосфера на музички настани, иако сосема недолични реакции на публиката не може да се сменат. Тие беа упатени на оние што креираа 50 отсто од гласовите - односно на жирито одбрано од луѓето на МРТВ. Нивна манифестација, нивни луѓе.
Ништо чудно, ништо ново - Евровизија е бисер за скандали запаметени и кај помоќните земји од нас. Во 1968 година, на пример, Клиф Ричард беше жртва на шпанскиот генерал Франко и неговиот режим. Тој му ја одзеде победата на познатиот британски пејач кој ја изведе песната „Congratulations“, местејќи го изборот за своите. Со победа на Шпанија и на Масиел со смешната песничка „Ла, ла ла“ тој се обиде да го подобри имиџот на својата земја. Кај комшиите Грци во одбирањето на песните се мешаше и владата и министерства - во 1982 година нив требаше да ги претставува Темис Адамантидис. Во целата приказна се замешал тогашниот министер за култура кој ја повлекол песната „Сарантапенте Копелес“, бидејќи не била компетентна за античката земја. Кај нас Евровизија значи бизнис со правила кои се менуваат секоја година, но најчесто ни се случуваат ѕвезди без концертна биографија, демодирани песни и ултрамодерни млади луѓе кои имитираат неинтелигентна понуда од Запад.
„Некст тајм“ 4.176 19
Калиопи и Наум 3.055 18
Ристо Самарџиев 3.151 17
Влатко Лозановски 3.402 16
„Сленг“ 4.168 13
Влатко Илиевски 1.608 8
Андријана Јаневска 218 6
Александар Белов 2.595 6
Даниел 528 5
„Браво бенд“ 1.011 3
Кристијан 621 2
„Рок-агресори“ 985 2
„Проект Македонија“ 972 1
Дејан Трифуновски 537 0
Верица Пандиловска 108 0
Костадин Папа 737 0 |