МАГАЗИН
Апстинирањето од музиката е како пауза во животот
По четиригодишна пауза, Горан Тодоровски ја продолжува кариерата со настапот на „Прилеп фолк-фест“
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
За него никогаш нема да ја смените констатацијата дека изгледа чесно. Како човек што никогаш не би „издал“ - другар од прв, втор и трет поглед.
Горан Тодоровски поради наведените карактеристики и, секако, по музиката што има негов потпис е омилен лик во фолк-естрадата. По неколкугодишно паузирање од медиумите, настапите и фестивалите, тој и' се враќа на песната. Во прашање е чиста љубов, без калкулации, размислувања и барања, идеален повод за средба и интервју.
Евровизија е топ-тема деновиве. Претпоставувам дека ја гледаше и сигурна сум дека имаш свој став - за победниците, за твои фаворити и случувањата?
- Да, се разбира дека ја гледав. Нашиот избор ми е омилена тема секоја година. И секогаш мислам дека конечно оваа е таа година кога веќе нема што да ни застане на патот да ја одбереме вистинската песна. Овој пат се појави друг, сосема нов проблем. На националниот „Евросонг“ сите се надеваме дека ќе има барем една квалитетна песна што ќе ја избереме достојно да не' претставува во Европа. Годинава имаше повеќе песни и тоа од различни жанрови и за различни вкусови. И концептот на гласање беше најблизок до реалното. Па ако ме прашувате дали победи вистинската песна, моето мислење е – да. Убава промена е во Русија да одиме со рок-балада. Имав впечаток дека самото гласање е судир на вкусови помеѓу постарата (жирито) и помладата генерација (публиката што гласала). По мој вкус беа повеќе песни, ама за најштос ја сметам „Генгста оро“ од охриѓаните наречени „Сленг“.
Има ли некакво поврзување меѓу тебе и Евровизија? Како желба, да речеме, а оттаму тргнуваат и мечтаењата „што би било кога би било“...
- Желба, да, сум имал. Можеби на некој од наредните избори ќе конкурирам со моја песна. Можеби етнобалада.
Периодот зад тебе свесно се огради од настапите и медиумите и ќе си дозволам тој период да го наречам пауза. Сепак, не паузираше од музиката приватно?
- Кога би паузирал од музиката, тоа би било како да паузирам со животот. Во мојот случај неможно, кои и да се причините. Музиката беше и е моето секојдневие. Не престанав да си потпевнувам дома, во автомобилот, со моите најблиски. Не престанаа ни да ми доаѓаат инспирации за нови песни, само бев многу селективен и ги зачував најубавите. Одморав, всушност, од медиумите и од јавните настапи. Не се видов себеси во тој галиматијас од разни персони.
Фолк-музиката веќе подолго време е „на вештачко дишење“. Твојата кариера доживеа подем токму во ренесансните години за народната музика. На што се должи толкава промена во музиката и гледаш ли реално некакво решение?
- Така беше и пред да се повлечам и не гледам дека нешто е сменето на подобро. Немам намера ни да се заморувам со тоа. Среќен сум што почнував кога фолк-музиката беше сакана и ценета, што го почувствував вистинскиот сјај на фестивалите, „она нешто“ што ми се залепи како магнет. Се надевам дека не звучи патетично, но тие години во 1993, 1994, 1995 година ми го искреираа односот кон светот и луѓето. Затоа нештата ги гледам поубави отколку што се.
Денес нештата се сосема поинакви, ама кој сум јас работите што ми се случија да барам да ми се повторат? Медиумите подготвуваат прилози и емисии за тинејџерска публика, тие се борат за гледаност и тираж, наметнуваат стилови и правци во согласност со урбаното живеење, подзаборавајќи на фолкот, кој не може да се избрише од гените на луѓето од овие простори.
Сегашниот период е кам-бек – за почеток ќе настапиш на „Прилеп фолк-фест“. Каков предизвик денес ти е еден фестивал?
- Фестивалите се убава можност за афирмација и промоција. По четири години пауза, одлучив да промовирам една нова песна на фестивал кој првпат се одржува годинава во Прилеп. Со нетрпение го очекувам, зашто навистина посакав пак да ги почувствувам енергијата и атмосферата што ги нуди фестивалската сцена. За песната многу не ми се зборува, ама им препорачувам на сите љубители на мојата песна, се разбира и на целата јавност, да ја чујат.
И со што би си ја наполнил душата, со - награда, албум, аплаузи...?
- Со награди се задоволуваат суети. Албумите се радост за обожавателите. А мене топол прием и искрен, воодушевувачки аплауз би ми биле вистинска сатисфакција и мотив да се појавувам почесто.
Веќе извесно време работиш во својата професија - наставник по биологија.
Се смени ли нешто кај тебе во работата со децата?
- Работата како наставник многу ми значи. Одговорноста, која е моја карактерна особина, во училиштето и меѓу учениците навистина доаѓа до израз и има благородно значење. На часовите најмногу учиме биологија, но наоѓаме време во воннаставните активности и за спорт, песна, шегувања, советувања… И во таква една опкруженост што блика од енергија и младост навистина е убаво да се работи. Кон учениците се поставувам другарски и заедно се обидуваме да ги надминеме тешкотиите. Искрено, претпоставував дека односот со колегите може да биде многу покомпликуван, но би ја искористил оваа можност да им се заблагодарам на прекрасниот однос во колективите во двете училишта во кои предавам.
Изгледаш супер - ослабен, освежен и подмладен. Очигледно, ангажманот со децата го направи своето. Сепак, имаше ли некаква промена во исхраната, од што ослабе?
- Многу сум повнимателен со исхраната од порано. Не може да се каже дека сум на диета, особено по толку слави, празници и родендени последниве месеци. Но, сепак, практикувам помалку тестенини и слатки во исхраната, повеќе овошје и салати. И физичката активност е битен фактор во одржувањето, па затоа едвај чекам да се затопли времето.
|