Сите бегаат од монструмот од Будимпешта
Дали уапсениот што закопувал живи луѓе е Србин или Македонец никој не може да потврди. Неговиот идентитет не е познат
Даниела Трпчевска
Веста за монструмот што закопувал живи луѓе во Будимпешта, Унгарија, откако ќе им ги украдел кредитните картички, вчера ја шокираше јавноста. Идентитетот на злосторникот, за кого се претпоставува дека има закопано најмалку шест жртви во шумата на островчето Чепел, се' уште не е познат. Во недостиг од официјални информации, српските медиуми најпрво објавија дека станува збор за нивен државјанин, за потоа да информираат дека станува збор за поранешен полицаец од Македонија. Во македонското МВР, во Министерството за надворешни работи и во македонската амбасада во Будимпешта не ја потврдуваат оваа информација. Тие велат дека вршат проверки, но се' уште нема официјална потврда за кого станува збор. Неофицијално велат дека нивните сознанија упатуваат на тоа дека станува збор за српски државјанин.
И додека трае препукувањето на институциите во Србија и во земјава околу потеклото на монструмот од Будимпешта, унгарските медиуми нашироко известуваат за овој несекојдевен случај.
Покрај Балканецот, унгарската полиција уапсила уште двајца помагачи од Унгарија, кои го направиле злосторството какво што не се памети – закопале неколку живи луѓе, на кои им ги одземале кредитните картички. Како што јави унгарската државна телевизија МТВ, злосторството се случило во шумата на островчето Чепел, во јужното предградие на Будимпешта, а истражните органи пронашле на тоа место три тела кои неодамна биле закопани, како и три черепи, закопани уште од пред неколку месеци.
Како што се наведува, монструозното кривично дело го открил еден од жртвите, момче од Романија, кое успеало да се извлече од дупката, да оди до дома и да ја извести полицијата. Според неговите зборови, осомничениот, кој ја признал вината, го познавало целото негово семејство. Тој повремено доаѓал кај нив, барал помала сума пари на заем и потоа навреме им ги враќал со цел да стекне доверба.
Како што известуваат тамошните медиуми, дента тој го повикал својот романски познајник да пијат пиво кај еден брачен пар бездомници во шумата, а по неколку испиени шишиња, сите тројца го нападнале момчето, му ги врзале рацете на грбот и го фрлиле во однапред ископана дупка. Напаѓачите во меѓувреме му ја зеле банкарската картичка и го натерале да им го каже пин-кодот, но и тоа не ги спречило да го направат испланираното злосторство.
Сепак, момчето успеало некако само да копа и да се извлече од дупката. Но, тогаш налетал на куче, кое било оставено пред дупката за да го чува, а откако успеал и од него да избега, истрчал до најблиската куќа. Попатно налетал на неколку минувачи од кои побарал мобилен телефон за да се јави во полиција, но никој од нив не сакал да му помогне, плашејќи се од човекот кој целиот бил во крв и кал.
Масовната гробница, според медиумите, која била пронајдена упатува на заклучок дека истата метода била користена во повеќе наврати. Истрагата за злосторството е во рацете на Националното истражно биро, кое е унгарска варијанта на американското ФБИ.
Портпаролот на Бирото, Ласко Барта, соопштил дека е покрената истрага за повеќекратните убиства, но одбил да каже за колку смртни случаи станува збор. Според медиумите, во тек е пребарување на шумата каде што се случило кривичното дело, бидејќи е можно да бидат пронајдени уште тела.
Интернет-изданието на српскиот весник „Блиц“, повикувајќи се на информациите на амбасадата на Србија во Будимпешта, јави дека монструмот кого го фатила унгарската полиција не е Србин, туку дека има македонско државјанство.
„Од унгарската полиција добивме информација дека осомничениот не е наш државјанин и дека македонската амбасада била известена за случајот, бидејќи станува збор за македонски државјанин“, вели соговорник од Министерството за надворешни работи на Србија за „Блиц“.
Српските новинари што работата на сторијата велат дека дошле до податоци дека станува збор за поранешен полицаец од Македонија. Наводно, тоа им било потврдено од нивните извори во српското Министерство за надворешни работи.
Но, од македонското МНР се децидни: „За случајот во Будимпешта по информациите добиени од медиумите нашите дипломати побараа информација дали станува збор за македонски државјанин. Засега немаме официјална потврда за тоа. Стапивме во контакт и со српската амбасада и оттаму негираат дека ја дале информацијата оти е македонски државјанин и дека станува збор за измислена работа на ’Блиц‘“. |