Неизвесно кога ќе пристигне телото на Јана Киш од Индија
Засега се' уште е неизвесно кога ќе биде испратено од Индија телото на 21-годишната студентка од Скопје, Јана Киш, која пред два дена се удави во Индискиот Океан заедно со својот индиски колега.
Според последните информации од македонското Министерство за надворешни работи, постапката за пренесување на телото е започната, но не се знае колку време ќе траат неопходните формалности.
„Обдукцијата е завршена и започната е постапката за вадење на потребната документација. Стапено е во контакт со Институтот за технологија при Универзитетот во Манипал, каде што таа престојувала, како и со осигурителната компанија“, велат од МНР.
Од таму додаваат дека трошоците околу транспортот на телото ќе ги плати осигурителната компанија, со оглед на тоа дека студентката имала осигурителна полиса.
Се' уште е потребно да се добие потпис и согласност од семејството и да се утврди дали некој од нив ќе појде да го земе телото или некој друг ќе биде овластен за тоа.
Јана Киш живеела со Чаир со својот татко. Таа студирала нa ПМФ. Во Индија заминала во почетокот на јули преку програмата за размена на студенти од техничките факултети. Завчера попладне таа уште со четворица пријатели, меѓу кои и еден Индиец, заминала на плажата Кауп. Поради немирното време и големите бранови, тројца од студентите останале на брегот. Јана и нејзиниот колега од Индија, сепак, влегле во водата. Во еден момент ги поклопил голем бран и ги повлекол во океанот. Телото на Јана е најдено неколку часа подоцна. (Д.Т.) |