Фијат Цаноски со писмо до премиерот
Сопственикот на станбено-деловниот центар „Космос“, Фијат Цаноски, ја интензивираше правната борба со Општина Гази Баба по чиј налог големиот објект веќе две недели се урива. Во текот на вчерашниот ден, правниот тим на Цаноски поднело барање за изрекување привремена мерка до Основниот суд Скопје 2, односно судска дозвола со која на инвеститорот ќе му се овозможи непречено влегување во објектот и дислокација на опремата за која се тврди дека во најголем дел или е оштетена или е целосно уништена.
За случајот „Космос“, односно за сите случувања поврзани со овој објект, вчера писмено се известени и претседателот на Собранието и премиерот на на Македонија. Цаноски веќе иницирал и постапка во Управниот суд, а за постапување на градоначалникот на Гази Баба, за кое тој смета дека е незаконско, ќе се бара мислење од Уставниот суд. Што се однесува, пак, до кривичните пријави, тие веќе се во скопското Јавно обвинителство.
Каква ќе биде одлуката на Обвинителството, односно дали ќе биде поведена кривична постапка или пријавите ќе бидат отфрлени ќе се знае веќе од понеделник. Имено, како што најави инвеститорот „Фине“, пријави се поднесени за овластениот градежен инспектор и градоначалникот Тони Трајковски. Така, инспекторката Елисавета Најдовска е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека, наводно, незаконски постапиле со донесување решение за затворање градилиште, решение за отстранување градба, заклучок за присилно извршување и записник за констатација. Градоначалникот Трајковски, според пријавата, е осомничен за злоупотреба на службената должност и овластување и за фалсификување исправа. (Љ.С.) |