Кобна тура од Охрид кон Свети Наум
Според истрагата, скината сајла на кормилото од бродот ја предизвикала трагедијата
Горан Адамовски Симон Илиевски
ОХРИД - Македонија и Бугарија се завиено во црно по завчерашната бродска несреќа во близина на Охрид при што загинаа 15 бугарски туристи. Македонија вчера, а Бугарија денеска со ден на жалост ќе се обиде да им оддаде почит на загинатите туристи, за кои екскурзијата до „Св. Наум“ се покажа кобна. На капетанот на бродот му е одреден триесетдневен притвор, а кривична пријава е поднесена и против неговиот помошник.
Првичните резултати на истрагата утврдија дека причина за трагедијата била скинатата сајла на бродот, која служела за рамнотежа на пловилото. Кој и зошто ќе понесе одговорност за најголемата бродска катастрофа во земјава - допрва ќе се одлучува. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поднесе оставка поради морална одговорност, но премиерот Никола Груевски се' уште не одлучил дали ќе ја прифати.
Бродот „Илинден“ е на шест метри длабочина во водите на езерото, а штом ќе биде изваден ќе се даде на вештачење, во кое ќе учествуваат македонски, бугарски и хрватски експерти. Телата на загинатите се наоѓаат во Институтот за судска медицина во Скопје, а обдукцијата ја вршат македонски и бугарски стручњаци.
Кобното возење на бродот „Илинден“, на кој беа 55 бугарски туристи, капетанот на бродот Сотир Филески (23) и неговиот помошник Влатко Јустинијановски (22), почнало во 9,50 часот од охридското пристаниште кон „Св. Наум“. По четириесетина минути возење, во близина на автокампот „Елешец“ на 200 метри од брегот, на бродот „Илинден“, стар 85 години, се слушнал силен звук од внатрешноста, по што пловилото се наведнало. Бродоломот почнал во 10,30 часот, а целосно потонал во 10,37 часот. Во следните моменти се случувала вистинска борба за живот во Охридското Езеро.
„Бевме во глисер и сакавме да се паркираме во ’Елешец‘. Тогаш од брегот ни викнаа дека има потонат брод и само што се завртевме видовме дека во водата има луѓе. Веднаш отидовме таму, не беше далеку од брегот, имаше најмалку десет лица кои веќе беа мртви, а другите почнавме, колку што можеме, да ги земаме со нас во глисерот. Мислевме дека ќе можеме тројца да спасиме, им дадовме колку што можевме прва помош, но беше доцна“, изјави очевидецот Гордана Рувчевска.
На помош на патниците во „Илинден“ им дошле и туристите од автокампот, но најголемата заслуга за спасувањето на што поголем број животи имаат капетаните и туристите, кои се возеле со бродовите „Александрија“, „Кристина“ и „Галеб“.
„Ние се наоѓавме на околу два километра пред бродот ‘Илинден‘ и добивме порака од нивниот капетан: ‘Ние потонавме‘! Веднаш го свртевме бродот, им кажавме на патниците за што станува збор и за пет-шест минути пристигнавме до бродот ‘Илинден‘, кој веќе беше потонат. Веднаш почнавме да фрламе јажиња за спасување, гуми и елеци, а добрите пливачи скокаа и ги спасуваа еден по еден преживеаните туристи“, вели Зоран Гилевски од бродот „Александрија“.
Слична е призната и на Васко Јанески од бродот „Кристина“, кој вели дека по повикот и тие го завртеле бродот, кој бил по „Илинден“. Им објасниле на патниците за што станува збор и ги замолиле тие што се чувствуваат способни да помогнат. Подоцна во спасувањето се вклучил и бродот „Галеб“, кој, според Игор Цветковиќ, бил неколку километри оддалечен од местото на несреќата. Според искази на очевидци, кои биле на плажата пред автокампот „Елешец“, бродот потонал за две-три минути. Први на помош со глисер тргнале туристи од Кичево.
„Кога слушнавме повик за помош, го запаливме глисерот и се упативме кон бродот и извадивме седумина преживеани и четворица мртви“, раскажуваат кичевци.
Среќа во несреќа било тоа што и нуркачите на полицијата во близина на местото на несреќата биле на редовен тренинг. На помош пристигнаа и екипи на Армијата, езерската Капетанија, агенцијата за заштита. Мртви тела пливаа во водата. Вестите и гласиштата се менуваа од час во час. Се зборуваше за бројка од 22 удавени, а дека на бродот, кој има дозвола за пренесување на 43 патници, се качиле дури 75. Лошите вести набрзо се проширија насекаде. Спасувањето и трагањето по телата во езерото траеше до попладневните часови. Се трагаше по уште две лица. Околу 19 часот се слушна радосната вест дека биле пронајдени живи и здрави.
За тоа време драматично беше и во охридската болница, каде што беа пренесени шест лица. Четворица беа полесно повредени и пуштени дома. Двајца беа со потешки повреди, но надвор од животна опасност. Од Бугарија пристигнаа министрите за здравство, Божидар Нанев; за транспорт, информатички технологии и соопштенија, Александар Цветков; заменик-министерот за надворешни работи, Марин Рајков; како и медицински екипи и десетини новинари. Ги посетија повредените во болница. Организираа транспорт за преживеаните во Бугарија. Министерот за здравство на Владата во Софија соопшти дека нема да се бара одговорност од македонска страна додека не се заврши истрагата. Во текот на вечерта пристигна и бугарскиот претседател Георги Прванов. Бугарскиот врв најави помош од 5.000 евра за секое семејство на загинатите.
Телата на починатите бугарски државјани Георги Метанов (76), Зорка Цветкова (48), Кула Маџарова (68), Невенка Николова (56), Тодор Стаменов (52), Марија Георгиева (22), Лула Николова (69), Славка М. Иванова (63), Лушка Георгиева (37), Динка Гушанова (73), Марија Р. Димитрова (32), Нонко Маџаров (71), Гина Николова (68), Гана Георгиева (64) и Павел Павлов (63) се предадени во Институтот за судска медицина во Скопје.
„Се работи според меѓународни стандарди во присуство на бугарски колеги, кои само го набљудуваат процесот на обдукција врз телата на загинатите“, информира директорот на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, и додаде дека се прават напори обдукцијата да заврши во најкраток можен рок. Обдукција на едно тело трае околу три часа. До вчеравечер се очекуваше да биде завршена обдукцијата на сите 15 тела.
Најголем дел од жртвите - осум се од селото Антон. Најмладата меѓу загинатите, 22-годишната Марија Георгиева, во Охрид била заедно со сестрата и братот, кои преживеале.
Зошто се случи несреќата - ќе се утврдува деновиве. Истрагата првично покажа дека капетанот не се придржувал кон прописите за безбедност на бродскиот сообраќај. Бродот бил регистриран за 43 патници, а во него се возеле 57 лица. Најверојатно пукнала сајлата за баланс на бродот, по што тој се наведнал десно, па лево, капетанот изгубил контрола и бродот потонал. На капетанот Сотир Филески му е одреден притвор. Ќе одговара за загрозување на безбедноста на лицата и имотот во сообраќајот. Кривична пријава е поднесена и за неговиот помошник Влатко Јустинијановски, но тој е пуштен на слобода.
Поранешниот прв човек на езерската Капетанија, Злате Клечкаровски, вели дека „Илинден“ е пловило што ги исполнува техничките стандарди, а несреќата можела да се случи со откажување на кормилото, при што дел од патниците, поради тоа што бродот завртел, отишле на другата страна на бродот, а поради тежината бродот се превртел.
Поранешниот капетан на „Илинден“, Петар ��асилев, смета дека најверојатно причина за несреќата е пукање на сајлата од управувачкиот систем на бродот.
„Што точно се случи не можам со сигурност да кажам. Јас го возев тој брод три години и знам како се однесува во ситуации на нагли свртувања“, вели Василев. Тој појасни дека при полна брзина доколку нагло се менува правецот на движење, бродот по инерција се наведнува. Кон превртувањето придонело и нерамномерното префрлување на товарот на едната страна на бродот.
Четворица експерти од Хрватска синоќа допатуваа во земјава за да направат целосна анализа за да утврдат кои се причините за несреќата. Во Охрид пристигаат и бугарски експерти од Дирекцијата за истрага на несреќи. Несреќата го отвара прашањето за безбедноста и за професионалното организирање од странство на групи што одат во охрид. Не дошле преку туристичка агенција, туку преку превозник кој ги сместил во приватно сместување. |