Штип со Универзитет, а без домови за студенти
Иван Бојаџиски
ШТИП - По уписите на Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип се соочува со поголем број нови студенти, млади луѓе, кои одат од куќа до куќа во потрага по сместување. Универзитетскиот град се' уште нема студентски домови, иако на атрактивно земјиште е доделена локација на која, меѓу другото, планирана е и изградба на студентски дом за околу 1.800 студенти. Кире Барбареев, портпарол на Универзитетот, вели дека станува збор за скапа инвестиција и затоа се чека од Владата да обезбеди финансиски средства за проектот.
Соочувајќи се со сместувачките потреби на студентите, Универзитетот наскоро ќе изработи посебен веб-портал на кој штипјани ќе можат да ги пријавуваат слободните сместувачки капацитети. „Оценивме дека е потребна единствена база на податоци. Така студентите нема да лутаат низ градот во потрага по сместување. Се работи за формирање посебен сервис за сите во Штип што ќе сакаат да издаваат соби за потребите на студентите. Но, и за самите студенти, кои на ваков начин ќе се информираат за сместувачките можности. Сите пријавени капацитети ќе бидат посетени од наша комисија и ќе бидат категоризирани според нивото на опременоста. Зад категоризацијата ќе стои нашиот Универзитет“, вели Барбареев.
На Штипскиот универзитет се запишани 13.000 студенти. Процените се дека 9.000 студираат на некој од факултетите во Штип, а барем половина од студентите имаат потреба од сместување во градот. Другата половина што е од блиските градови на регионалниот центар, секојдневно патуваат од родното место до Штип и обратно, со што тие го немаат проблем со сместување.
Откако се отвори Универзитетот во Штип, во овој град многу домаќинства започнаа да ги преуредуваат заборавените простории во своите домови, а дел од нив доградуваат. Оваа состојба ги зголеми кириите за студентите, кои сега во просек изнесуваат по 2.500 денари од кревет. Во исто време порасна и цената на квадратен метар станбена површина, која пред отворањето на факултетот изнесуваше 500 евра, а сега се искачи на 700 евра.
Универзитетот „Гоце Делчев“ доби градежно земјиште во населбата „Сењак“, каде што треба да се изгради помал студентски град. Таму е предвидена и изградба на студентски дом. Портпаролот Барбареев вели дека тие ги направиле сите елаборати и ја имале целокупната документација со што градбата можела да започне. Сепак, проблем биле парите на кои се чека од Владата. |