Кризата чукна на вратите од битолскиот текстил
На улица останаа 160 текстилни работници од фабриката за тешка конфекција „Мокел“
БИТОЛА - Светската економска криза чукна на вратата на битолската текстилна индустрија. На улица останаа 160 текстилни работници или половината од вкупниот број вработени од фабриката за тешка конфекција „Мокел“ од Битола.
Странските партнери од Европа и од САД кои со години соработуваа со оваа фабрика го намалија обемот на нарачки и се преориентираа на уште поевтиниот пазар на работна сила во Азија.
„Мокел“ е една од ретките конфекции во Битола која не е со грчки капитал. Повеќе од 15 текстилни фабрики во градот се на бизнисмени од Грција и работат лон. Потреси се очекуваат и во други текстилни фабрики во Битола.
Дел од отпуштените од „Мокел“, иако синдикално неорганизирани, вчера побараа помош од синдикатот во Битола. Се пожалија дека отказните решенија им се така скроени што немаат право ниту на здравствено осигурување.
„По 35-37 години стаж сега останавме на улица. Нема каде да одиме. Отказни решенија добивме по пошта. Претходно не' повикаа во фабрика сами да се откажеме од работа. Да немаме право на ништо. Наместо технолошки вишок, сега ништо не ми следува. Добивам совети да се вработам во друга фирма за десетина дена и таа да ми го даде тоа право. Со моите покојни родители кои работеа во истата фирма заедно имаме 130 години стаж“, се пожали 59-годишната Славка Аврамова, вработена во „Мокел“.
Ниту еден од нас не потпиша за отказ, а сега не знаеме дали имаме право на жалба, додаде Родна Пирковска, поранешна раководителка на производство.
Во битолскиот синдикат на отпуштените им кажаа дека работодавецот не ги запазил критериумите за давање отказ согласно со Законот за работните односи.
„Начинот на решавање на правата и обврските е договорен и не може да биде едностран. Ова е грубо кршење на законот. Нема отказен рок, а вработените немаат право на жалба“, им беше речено во синдикатот.
За менаџерот на „Мокел“, Тоде Боговски, отказните решенија се последица на светската економска криза која не само што ги погоди тешките индустрии во државата туку сериозно се закани и на текстилот. Боговски смета дека во вакви услови се' поизвесна е ликвидација на фабриката.
„Сметам дека не сме единствена фирма во текстилот во која се најавува сериозно намалување на работата споредено со изминатиот период. Намалувањето на налозите за работа од странските партнери доведе и до намалување на работната сила. За да ги сведеме на разумно ниво трошоците на работење принудени сме да го намалиме бројот на вработени. Но, се надеваме дека од јуни, кога почнува сезоната на конфекционерите, ќе имаме повеќе работа и ќе вратиме добар дел работници“, изјави Боговски. (А.Б.) |