Најмногу се јаде мрсна и пржена храна
Изборот на месото е погрешен, оценуваат епидемиолозите
Јасмина Јовановска
Најголемиот дел од населението во Македонија нема пари за здрава храна. Поради нискиот стандард, но и поради лошите навики за исхрана, луѓето повеќе јадат мрсна и пржена храна, која е не е квалитетна, но за неа се одлучуваат зашто е поевтина.
Ова е оцената на епидемиолозите направена според тоа кои прехранбени производи во нашата земја најмногу се трошат. Од месо најмногу се консумираат сувомеснати производи кои се полни со конзерванси, а многу малку е застапена рибата, иако е многу поздрава храна. Единствено нашата нација доволно внесува минерали и витамини.
„За да го преживеат зимскиот период поевтино, се прават огромни залихи на зимници и туршија, храна што е малку калорична, но затоа многу солена. Затоа и не треба да зачудува дека дневното внесување сол е трипати поголемо од максимално дозволеното. Или се внесува до 16 грама сол на ден, иако е дозволено само пет грама. Во летниот период, пак, иако имаме изобилие на овошје и зеленчук, се консумираат преработки од овошје што се помалку здрави зашто имаат многу шеќери“, објаснува д-р Златка Димитровска од Одделението за физиологија и мониторинг на храна при Републичкиот завод за здравствена заштита (РЗЗЗ).
Дека се консумира многу мрсна храна покажува и податокот дека дневното внесување видливи и невидливи масти се искачува и до 116 грама, иако максимално дозволеното внесување е до 30 грама.
Ова не е прв ваков извештај за тоа каква храна јадеме. РЗЗЗ секоја година ја изработува македонската пирамида на исхрана и дава препораки за тоа како да се храни населението.
„Во исхраната многу малку се застапени интегралните жита, па дури ги нема ни во лебот. Се јадат повеќе бел леб �� лиснати теста“, укажува д-р Димитровска. Таа вели дека и мажите и жените претеруваат со храна и дневно внесуваат и до 2.700 калории, што е повеќе од нормално.
Дневно се внесува и до 90 грама месо. Иако овој процент е доволен, сепак, изборот на месото е погрешен.
„Се внесува мрсно месо, а никаде ја нема рибата. Во неделното мени рибата треба да биде застапена барем два-три пати, бидејќи е добра за срцето“, препорачува д-р Димитровска.
Таа апелира дека треба да се зголеми и дневното внесување свеж зеленчук и овошје, и тоа по околу 300 грама. И месото и јајцата, исто така, треба да се јадат два-три пати во неделата.
„Секако, не треба да се заборави и на зрнестата храна, како што се гравот, грашокот, леќата“, посочува д-р Димитровска. |