Среде Скопје удавени во прашина
Замената на водоводната мрежа ги остави улиците во Кисела Вода раскопани
Снежана Калабакова
Веќе извесен период раскопаниот асфалт, калта и прашината на улиците „Жил Верн“, „Трпе Петровски“, „Есенинова“, како и неколкуте околни улички се кошмарно секојдневје за жителите од населбата Кисела Вода. Речиси на само стотина метри од центарот на градот, овие граѓани се дават во прашина. Велат, ги искршиле автомобилите од камењата и дупките во раскопаниот асфалт, останати откако ЈП „Водовод и канализација“ ја менуваше старата водоводна мрежа, по што само ги потрупа каналите на коловозите. Сега целата земја и прашина влегува во дворовите, домовите и се лепи на испраните алишта. Земја и прашина се крева зад секој автомобил што ќе помине, а кога има дожд, вода прска на сите страни.
„Откако од ’Водовод‘ ги оставија улиците раскопани, прашината ни влезе дома. Кога дуваат ветришта, целата земја од улица ни влегува во куќите, а кога врне, не можеме од кал да излеземе од дома. Нема живот и од прашината од каминоните што постојано доаѓаат по стока во магацините на поранешна ’Славија‘. Од нив не можеме ни во двор да седиме ниту, пак, да ги пуштиме децата да си играат. Нема кому да му се жалиме“, вели Душко Атанасов, жител од улицата „Жил Верн“.
Кон неговите поплаки се придружи и Сашо Николовски, станар во новите станбени згради веднаш до улицата. Раскажува дека не смеат да отворат прозорец за да проветрат, бидејќи земјата од улица веднаш се лепи на килимите, завесите, мебелот. Од една страна улицата, а од другата доаѓаат црнилата од возовите кои врват по железничката пруга. Се пожалиле и во Општината Кисела Вода, но велат дека надлежните немаат слух за нивниот проблем.
„На пет улици во Кисела Вода, на ’Жил Верн‘, ’Трпе Петровски‘, ’Есенинова‘, ’Јордан Филиповски‘ и погоре на ’Марко Орешковиќ‘ поставувавуваме нова водоводна мрежа, нови профили, бидејќи старата повеќе немаше капацитет. Направивме спогодба со Општината Кисела Вода, поточно со градоначалникот наместо ние да го крпиме асфалтот, Општината да постави нов, бидејќи улиците веќе биле планирани за асфалтирање и влезени се во Програмата за санација и реконструкција“, вели Сашо Лазаровски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“.
Марјан Спасески, портпарол на Кисела Вода објасни дека Општината, согласно заемниот договор со ЈП „Водовод и канализација“ ја презела обврската да ги асфалтира петте улици на кои се подобруваше водоводната мрежа. Нивното асфалтирање ќе започне на почетокот на следната недела. |