„Водовод“ ќе купува водомери со далечинско отчитување
На тендерот треба да се избере понудувач за набавка на 3.500 водомери
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ неодамна објави тендер за избор на најповолен понудувач за набавка на нови 3.500 водомери со далечинско отчитување. Оттаму велат дека секоја година ќе вршат замена на старите со нови водомери со тенденција такви да добијат сите граѓани.
„За оваа година ќе набавиме 3.500 водомери со далечинско отчитување. Постапката е во тек, а по донесувањето на одлуката, преку Бирото за јавни набавки по електронски пат ќе биде објавено известување за склучениот договор и неговата вредност“, велат од „Водовод“.
Оттаму објаснуваат дека со поставувањето на новите водомери освен што ќе ја почитуваат приватноста на своите корисници, туку и ќе изготвуваат прецизни месечни сметки за потрошена вода. Исто така, овие водомери можат навремено да сигнализираат дефект во внатрешна водоводна мрежа на корисниците.
„Водовод и канализација“ процесот на замена на постојните со нови водомери со далечинско отчитување го започна во 2009 година. Досега се поставени 4.700 водомери со далечинско отчитување во одредени делови на градот, односно во индивидуални куќи во населбата Лисиче и во делови од општините Аеродром, Чаир и Бутел. Замената и годинава ќе продолжи во истите реони, врз основа на претходно направен план и налози за промена од страна на Наплатната служба. (Сн.К.) |