Гран-при за аматерскиот документарен филм на Ролф Мандолеси од Италија
Со доделување на наградите за најдобри остварувања синоќа во Битола заврши 18. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“.
Наградата гран-при и плакета „Милтон Манаки“ му припадна на Ролф Мандолеси од Италија, кој на фестивалот во Битола учествуваше со аматерскиот документарен филм „Плачот на Касандра“.
Меѓународното стручно жири им додели златни плакети на Богоја С.Пусторекански од Македонија и на Барбара и Берхард Зимерман од Германија, сребрени плакети на Стефан Хаџиантоновски од Македонија и на Катерина Хитрухина од Естонија, додека бронзени одличја освоија Петре Чаповски од Македонија и Петр Баран од Чешка за аматерскиот документарен филм „Тркалање тркала“.
Организаторите на фестивалот, Народна техника и Киносојузот на Македонија, оваа година востановија ново признание, награда за режија „Драги Савевски“ и прв носител е Франц Копич од Словенија, кој на фестивалот во Битола учествуваше со аматерскиот документарен филм „Камшик“.
На годинешниот 18. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“ учествуваа аматери од повеќе европски држави со 61 филм, од нив 28 од Македонија и 33 од странство. (К.Р.) |