„Во денешната куќа на мојот народ има се' помалку прозорци отворени кон вистинската страна, а побројни се тие што се обидуваат да ни го посочат и патот и правецот! За жал, најчесто погрешниот!“, вели Милован Стефановски
Невена Поповска
Годинашниот лауреат на наградата „Григор Прличев“, Милован Стефановски е истакнат македонски писател, но во својот работен век може да ги вброи и професијата: професор и новинар. Автор е на повеќе книги, проза, есеи и романи, а сега во низата ќе се допише и жанрот поема. Неговата поезија е застапена во бројни антологии и избори на македонската поезија, а негови песни, раскази и романи се преведени на повеќе странски јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1978 година за стихозбирката „Ѕид пред бескрајот“, во 2003 година за романот „Изгубен жегол“ ја добива наградата „Роман на годината“ што ја доделува Редакцијата на „Утрински весник“, а годинава за поемата „Адам од Говрлево“ ја добива наградата „Григор Прличев“.
Годинава Вие сте лауреат на престижната награда за најдобра поема „Григор Прличев“. Што значи таа за Вас и сметате ли дека наградите претставуваат предизвик или товар?
Верувам дека добивањето на кое и да е признание за творецот претставува зрак светлина за посигурно пречекорување на уште еден нагорен басамак во потрагата по потврда за вредностите на создаденото. Не им верувам на тие што изјавуваат дека наградите не им се важни. Доколку, пак, се работи за престижна награда, како што посочувате во прашањето, логично би било зраците да се расплодат во блескотна светлина што ќе го покаже патот допрва што треба да се изоди. Во исто време таа светлина ќе ја потстопли и душата. Дали е тоа секогаш така, зависи од многу околности. Во конкретниов случај, искрено, многу сум задоволен што годинава токму мојата поема „Адам од Говрлево“, од сите пристигнати на конкурсот (25 на број), е прогласена за најдобра и овенчана со наградата „Григор Прличев“. Уште повеќе што врачувањето на наградата ќе се случи идната година кога се навршуваат 150 години од неверојатниот настан кога во Атина, на 25 март 1860 година, тогаш младиот охриѓанец, отиден да студира медицина, за поемата „Сердарот“ е прогласен за Втор Хомер. И пак уште повеќе што заедно со досегашните лауреати, меѓу кои би ги споменал: Србо Ивановски, Михаил Ренџов, Петре Бакевски, Трајан Петровски, Бранко Цветковски... се обидуваме да го одржуваме пламенчето на Прличевиот дух!
Значи, наградата за најдобра поема во 2010 година што го носи името на великиот Прличев, за мене претставува огромна чест и ми причинува неизмерно задоволство. Се разбира таа е и предизвик за нови зафаќања на творечко-писателски план, но во никој случај товар. Впрочем, ако наградите доаѓаат природно, ако не се резултат на некакви комбинаторики или дај ми - на ти релации ја постигнуваат целта и ја остваруваат функцијата за која се наменети. Во спротивно, веројатно, можат да бидат и товар.
Добро е што и кај нас се негува традиција за вреднување на книжевните дела и преку институцијата конкурс, но не е добро што понекогаш им се робува на стереотипи какви што се начинот на оценување или, пак, одбирањето на оценувачите. Имам впечаток дека тоа со децении се прави по ист терк и како да се нема храброст да се внесе нешто ново во веќе востановената матрица. Со мали исклучоци, книжевните награди најчесто се доделуваат конспиративно, од „тајни“ комисии во кои членуваат приближно исти арбитри, а добитниците се соопштуваат без да се има увид во вредностите барем на тие што влегле во потесен избор. Често се прашувам зошто, на пример, не се користат можностите во електронска форма да се објават сите пристигнати дела на некој анонимен конкурс. Верувам дека така и на оценувачките комисии би им се олеснило бидејќи и јавноста би се јавила како релевантен коректив. Но за ова нека размислуваат организаторите на книжевните натпревари, односно конкурси. Јас многу повеќе сакам да се натпреварувам, отколку да членувам во оценувачки комисии. Можеби затоа и по три децении активно членување во ДПМ, ниту еднаш не сум бил вклучен во комисиите за доделување на еснафските награди.
Поемата „Адам од Говрлево“ е мошне впечатлива од аспект на фактот што во неа се поврзани библискиот Адам и Адам од Говрлево. Од каде ја добивте инспирацијата за поемата и како дојдовте на идеја да напишете поема со близу илјада стихови?
За повеќето Скопјани, Водно е само падината што ја гледаат од своите тераси или од возилата додека чекаат пред заглавените крстосници. Всушност, лицето на Водно е јужната, присојната страна на планината. Веќе неколку години таму е и мојот дом и за тоа време ја објавив стихозбирката „Горно Соње“ (2006) и сега поемата „Адам од Говрлево“. Во насловите на двете дела само навидум се содржат локални топоними, а всушност има и нешто многу подлабоко и посеопфатно. Има силна инспиративна жила. Нели е доволна потврда дека некој совршен творец токму таму создал такво совршено дело какво што е Адам од Говрлево. И тоа безмалку шест милениума пред Христа! Оттука и можната врска меѓу библискиот Адам и, условно, нашиот Адам од Говрлево. Оттука и поетскиот предизвик за доближување до тајната порака којашто можеби со себе ја ��онесе археолошкиот пронајдок кој во светот го вреднуваат меѓу десетте најзначајни пронајдоци, а ние и по десет години од неговото повторно „раѓање“ имам впечаток дека се уште не го удостоивме со должното внимание и почит. Напати помислувам дека многу повеќе се зафаќаме со декодирање на туѓи значења, а нашето писмо не го разбираме.
Не сум од тие што веруваат дека поезијата може да го смени светот, но длабоко верувам дека со искрена творечка посветеност може да се отворат вистинските прозорци за да се видиме и надвор во просторот и внатре во себеси; и некогаш во минатото и денес во сегашноста. Се плашам дека во денешната куќа на мојот народ се помалку има прозорци отворени кон вистинската страна, а се побројни се тие што се обидуваат да ни го посочат и патот и правецот! За жал, најчесто погрешниот!
Како автор кој е долги години присутен во книжевниот живот на земјава, наградуван, преведуван и застапуван во антологии, како би ја оцениле состојбата во македонската литература и на авторите?
Со првата стихозбирка „Ѕид пред бескрајот“ (1978) ја добив наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, со првата поема „Адам од Говрлево“ годинава ја добивам престижната награда „Григор Прличев“. Во меѓувреме (2003) романот „Изгубен жегол“ токму од „Утрински весник“ беше прогласен за „Роман на годината“. Тоа што нема друг автор кај нас зад чие име можат да се приведат овие три престижни признанија мене не ме прави ниту поголем ниту позначаен. Уште помалку привилегиран.
Но, наградите и признанијата, сепак, се само поубавата страна на нашата севкупна културна и посебно книжевна стварност. И толку. Од суштината и од вистинското лице, за жал, најчесто го вртиме погледот. Од некоја причина подзамижуваме. И тоа сите: и „трудбениците“; и тие од државните институции задолжени за културата. Се залажуваме со некакви наши пробиви во светот, со платени преводи од наш џеб, а најчесто се пробиваме до Србија и до Бугарија. Дури и тие простори почнавме да ги освојуваме преку Германија. Нејсе. Можеби ќе се сети некој дека само со помош на СВП можевме поетски да го освоиме светот: секоја година во Струга се претставува по една национална поезија од странство. На принцип на реципроцитет сега ќе имавме антологии на македонската поезија во педесетина земји. Ама немаме. Наместо тоа имаме поети кои само со неколку преведени стихови се обидуваат да ја „освојат“, на пример, Индија! Такви се македонските автори. Попрво ќе се откажат од пристоен хонорар отколку од пишување!
Sigurno deka poezijata nemozi da go promeni svetot,no sigurno moze mnogu da pridonese vo promocija na edna brilantna poezija i literatura vo svetski ramki,kako i da i pomogne na makedonskata ekonomija i kauza vo ovie krslivi vreminja na nasiot prostum.