Во „Тобако“ ќе се продаваат билети за опера и за балет
Билети за оперите и за балетите што одат на репертоарот на Македонската опера и балет од денеска ќе се продаваат на сите продажни места на „Тобако“ низ Македонија. По повод дваесетгодишнината од постоењето на „Тобако“, компанијата потпиша меморандум за соработка со МОБ. „Во иднина доколку сакате да посетите некоја оперска или балетска претстава или, пак, сакате да добиете дополнителни информации и распоред на претстави, тоа ќе можете да го направите во сите продажни салони и киосци на ’Тобако’“, вели Бошко Јанев, сопственик на „Тобако“.
Според Јанев, „меморандумот подразбира продажба на билети за сите настани организирани од МОБ, со што се поедноставува процесот на купување билети за нивниот репертоар“. Пространата малопродажна мрежа на „Тобако“ ќе овозможи лесен пристап до билетите за репертоарот на МОБ, па така жителите на Македонија многу полесно ќе можат да ги проследат актуелните претстави.
Оваа компанија ќе донира пари и за реконструкција на дел од просториите на Македонската опера и балет. (Н.П.) |